Во исчекување на денешните официјални бројки на новозаразени во послените 24 часа, медиумите јавуваат дека тие се меѓу 110 и 120 лица.
Доколку се потврдат овие бројки на новозаболени ова ќе биде вториот најголем пик по средината на април.
Комисијата за заразни болести за денеска закажа состанок кој ќе се одвива во проширен состав. Ќе биде повикан вицепремиерот, како и претставници од Центрите за јавно здравје од другите градови.
Поради огромниот број на новозаболени во земјава се размислува за воведување на нови рестриктивни мерки, во пресрет на празникот Задушница за да се избегнат нови случаи на зараза од коронавирус.
Светската здравствена организација ги категоризираше епидемиолошки најзагрозените градови во Македонија.
Според степенот на ризик, Скопје како главен град е во четвртата фаза, што значи широко распространето (нелокализирано) ширење.
Тетово е во иста фаза, но според наодите, ширењето е локализирано.
Во однос на состојбата во Штип, град во кој последните денови е многу голем бројот на заразени лица и според епидемиолошките експерти стана жариште на вирусот, дистрибуцијата е во трета критична фаза, но контролирана и локализирана.
Другите градови во земјава се во втора фаза, што значи дека случаите на заразени лица се спорадични.
Според најновата статистика, бројот на заразени во изминатите 24 часа е 76, а тестирани се 885 луѓе.
Министерот Филипче претходно соопшти дека бројот на инфицирани е 67, а на тестирани 868.
Сите нови случаи се во Скопје, каде вкупната бројка на новодијагностицирани е 52.