Новинарот што ги ставa „во тесно“ Заев, Ковачевски, Груби и други- искрено со Матеја Петровски
Лично од ПОЛИТИЧАР немам добиено закана да се стишам, вели тој за Гламур.мк
Тој е новинарот кој од политиката во државава прави шоу. Има храброст да ги постави најдиректните прашања до политичарите. Го има ставено „во незгодно“ и Заев, Ковачевски, Пендаровски, Груби, Спасовски и многу други звучни имиња од политичката сцена.
Го поставува вистинското прашање во вистинско време, на вистинско место.
Стана омилен меѓу јавноста затоа што нема срам ниту влакна на јазик да им се спротивстави на функционерите. Ги користи сите прилики да дознае информација плус надвор од шаблонот на предвидената прес-конференција. И на тој начин пошироката публика да дознае некоја корисна информација.
Често-пати си прави хумор на сопствена сметка, па токму затоа јавноста го обожува!
Македонската асоцијација на новинари (МАН) му ја додели наградата за најдобар репортер на годината.
Имавме прилика да се запознаеме одблизу со симпатичното момче кое го гледате секојдневно на ТВ-екраните, новинарот Матеја Петровски.
Најпрво честитки за наградата. Какво е чувството да се биде најдобар репортер во Македонија?
– Како признание секако многу значи, еден вид награда за она кое секојдневно го работиме јас и сите мои колеги. Во државава има многу најдобри репортери и посебно среќен што најголемиот дел од нив дел од таа најнова генерација (која е најнова веќе 10тина години).
Вие станавте препознатлив за јавноста по вашата умешност со вештите прашања да ги ставите во ќор-сокак политичарите. Кога ги смислувате прашањата, однапред или во моментот?
– Нормално некогаш прашањата, посебно првите доаѓаат планирано, но не баш ретко и од она што ќе биде кажано во воведните говори на политичарите. Кога се потпрашањата во прашање, во 99 проценти се во зависност од одговорот или глупоста која што ќе ја треснат политичките чинители.
Која од многуте ситуации на тет-а-тет средбите со функционерите би ја издвоиле како најинтересна?
-Имало повеќе тет-а-тет средби со политичарите со оглед на тоа што постојат и оние неофицијални брифинг дружби, кои се најчести пред новогодишните празници. Најинтересно можеби кај сите што се обидуваат да се претстават во спротивно светло од она пред камерите.
Па тука јас, а можеби и другите колеги си го поставуваат прашањето кое вистинското лице на политичката елита, дали глумат пред камерите или глумат кога се во четири очи со нас, можеби и во некаков обид да бидеме поблаги кон нив (нешто што никако нема да се случи).
Дали челниците приватно знаат да ви се обратат настрана од камерите, се случило ли да ве замолат да се „стишите“?
-Се разбира, комуникацијата по секој прес е нормална работа. Лично од политичар немам добиено закана или порака да се стишам, но од други канали секако стигнувале како што ги нарекуваат ,,добронамерни” совети. Мислам дека тоа било случај кај сите колеги.
Како станавте новинар и зошто ја одбравте оваа професија?
-Заслужен за тоа е еден од најдобрите новинарите кои државава ги имала, тоа е Сашко Голов, со кого уште пред да тргнам во школо од најмала возраст ја научив цела азбука и научив да ги пишувам буквите, се со цел да можам да си играм со микрофонот, кој беше дел од неговата опрема. Се разбира во текот на животот се гледав и во други професии, најчесто во зависност од сериите кои ги гледав тој период, на пример поради Доктор Хаус, сакав да бидам доктор дијагностичар и да одам со бастун со пламенчиња (само изгледа не сум толку паметен). Сепак, во ниту една друга не бил толку среќен од својата работа.
На која новинарска приказна што сте ја направиле сте нај повеќе горд?
-На повеќе, а најмногу на влезот на Инфективната клиника на стартот на ковид пандемијата.
Доколку не бевте новинар што би биле?
-Тука ќе одговорам кратко, не знам…
Имавте спектакуларно запросување, уникатно и оригинално во ваш стил. Девојката, сега ваша вереница ја запросивте во аптека, бидејќи на тој шалтер сте се запознале.
Кога свадба? Откријте ни некој детаљ одколу подготовките.
-Подготовките во засилено темпо не се уште започнати а ако се оди според планот саканата новото презиме ќе го добие на пролет.
Од кого учите за да станете подобар во професијата?
-Не можам да кажам еден човек. Во моментов имам среќа секојдневно да работам со Никола, Коле, Искра, Ека, Коки, Бојана, Лазе, тимот кој ја составува најдобрата уредувачка екипа во моментов во Македонија, а во текот на животот сум имал можност да почнам да учам од Наташа Хаџиспиркоска Стефанова и Наташа Мерсовска во економската во Сител, а подоцна и сите други уредници во истиот медиум, тогаш предводени од двојката Лаки и Ивона. Секако тука се и колегите од Курир, шефот Саше, шефот Пеџа, како и другите колеги Ивона, Ивана, Кате, Ристе, Трајко, Даре, Дачо…
Што мислите има ли верба во македонското новинарство од страна на граѓаните? Како би ја оцениле влијателноста на медиумите денес?
-За жал ситуацијата не е како што посакуваме, но сите новинари мора да работиме на подобрување на истата.