Ако мислите да ја напуштите Македонија, Јапонија би можела да биде добра опција. Имено, во оваа земја има голем број на напуштени објекти што Јапонците одлучија да ги дадат – бесплатно.
Да, добро читате. Јапонија започна програма со која сака да го спречи распаѓањето на напуштените објекти и одлучи да ги понуди на пазарот бесплатно или по многу ниска цена. Според извештајот на јапонската влада во 2013 година, во оваа земја имало осум милиони напуштени и празни куќи. Некои организации тврдат дека до 2033 година, дури 30 отсто од домовите во Јапонија би можеле да бидат празни.
Старото население во Јапонија е делумно одговорно за голем број напуштени куќи во оваа земја, пишува „Insider“. Има и млади Јапонци кои ги купуваат куќите на оние постари кои ги напуштиле и отишле во домови или умреле. Но тоа е далеку од доволно. Исто така, продажбата на куќата е комплицирана од многу распространетото јапонско суеверие, според кое имотот поврзан со самоубиства, убиства или т.н. „осамена смрт” носи лоша среќа, па дури постои и страницата Ошималанд на која постои листа на куќи кои „треба да се избегнуваат” .
Поради ова, многу сопственици на недвижнини немаат друг избор освен буквално да ги донираат свои куќи, а некои локални самоуправи нудат субвенции за да ги поттикнат потенцијалните нови сопственици да ги обноват напуштените објекти што Јапонците ги нарекуваат “акија”.
Исто така постојат и „акија банки”, односно бази на податоци на напуштените куќи кои се нудат. Повеќето од овие куќи се нудат целосно бесплатно. Највисоката цена на некои недвижнини во овие бази е околу 30 милиони јени, но има и објекти кои се нудат за буквално нула јени.