Наташа Петровиќ – Нашата убавина доаѓа од внатре …

ADVERTISEMENT

Наташа Петровиќ е една од нашите најпознати млади актерки која ќе ве освои на прв поглед како со својот изглед, така и со своето однесување. Таа е убава, тивка, мила, но воедно зрачи и со неверојатен сексапил со кој може да помести планини. Изминативе неколку години за неа беа мошне успешни – публиката ја плени како со нејзините улоги во филмови, така и со улогите на театарската сцена. Таа и покрај пренатрупаниот деловен распоред секогаш наоѓа време и за своите приватни активности, а покрај имагинарниот свет во кој живеат нејзините главни ликови, често можеме да ја видиме и во модни едиторијали во улога на манекенка позирајќи во моделите на нашите познати дизајнери. Во големото интервју за Гламур магазин со неа поразговаравме како балансира измеѓу уметноста и приватниот живот, но и како си помина на снимањето на серијата „Der Pass“ што претставува еден од нејзините најнови успеси. Поразговаравме и за модните трендови, како се одржува во форма.., а во соработка со фотографката Ерина Богоева и Наташа ги направивме и овие прекрасни фотографии од кои навистина ни беше тешко да ги избереме најдобрите …

Во последно време можевме да видиме доста твои нови проекти меѓу кои и германската серија Der Pass. Дали тоа беше твојата последна нова улога? И што ново подготвуваш?

Серијата „Der Pass“ е последниот проект на кој работев изминатава година, станува збор на крими ТВ серија која се снимаше во Австрија и Германија, а премиерно беше прикажана годинава во јануари во Виена и Минхен. Во моментов сум во процес на подготовки за следниот филмски проект на кој ќе работам, но сеуште не би можела да споделам подетални информации.

ADVERTISEMENT

Кои се главните разлики според тебе кога е во прашање глумата во странство и кај нас во Македонија?

Главната разлика не е во начинот на играње или во естетиката туку во начинот на кој се следи и цени театарот како уметност. Ако во повеќето земји театарот е дел од културното издигнување и едукација на еден народ, кај нас е нешто без што се може и  за жал постојат многумина кои сметаат дека да се биде актер не е професија. Ние имаме квалитетни актери, одлични режисери и претстави со кои можеме да се мериме со претставите од странство само ни фали најбитната состојка а тоа е разбирање, почитување,  и активно следење не само на театарот туку и на уметноста во глобала.

Дали е тешко во Македонија да се биде актерка и што е она што би требало да го  промениме за да ни биде подобро?

Во Македонија за жал е тешко да се биде било која професија. Тоа се должи според мене на преголемата инволвираност на политиката во сите дејности и сектори вклучувајќи ја и културата. Треба да се промени менталниот склоп на народот, треба да се промени фокусот.

Ни треба поголема едуциранот за да можеме подобро да цениме и следиме театар, да правиме театар, да се развиваме како актери а со тоа и да понудиме репертоари со поголем квалитет на претставите во однос на квантитет.

ADVERTISEMENT

Дали сметаш дека во Македонија медиумите доволно внимание посветуваат на глумата и на театарот воопшто како уметност?

Фокусот на нашите медиуми секогаш бил политика и естрада и за жал сеуште е така. Сметам дека воопшто или барем не доволно, се посветува внимание на театарот и уметноста воопшто. А културата и уметноста се слика на интелектуалните достигнувања на едно општество и рефлексија на нашиот ментален развој како држава во целина па можеби поради тоа и треба малку повеќе внимание да се посвети на содржините што се пласираат.

Покрај професионалните ангажмани како актерка, редовно те гледаме и во модни едиторијали на нашите дизајнери, па какво е твоето искуство со нив?

Имам одлична соработка со неколку наши модни дизајнери како Росица Мршиќ, Тања Коќев, Јована Филипович, Ирина Тошева…

Сметам дека треба да го цениме тоа што го имаме како квалитетен производ и да стимулираме создавање и користење на домашни брендови.

Отсекогаш си имала стил и си ја сакала модата – кој е твојот омилен моден дизајнер и во што се чувствуваш најубаво?

Најубаво и најудобно се чувствувам во лежерна и кежуал облека и секогаш носам работи во кои се чувствувам пред се своја и токму поради тоа немам еден омилен дизајнер но имам омилени парчиња облека од нашите дизајнери.

Во што уживаш најмногу кога не работиш?

Уживам во добра храна, вино, квалитетна музика, добро друштво и многу благо благо благо :).

Книга која би ја препорачала за нашите читатели?

Не би можела да одвојам една книга но би им го препорачала целото творештво на Харуки Мураками.

Бидејќи секогаш изгледаш убаво, не интересира дали внимаваш на исхраната и кое е твоето омилено јадење?

По природа сум гурман но се обидувам да воведам ред во исхраната и да внимавам што јадам. Обожавам рижото со печурки и колачи од секаков вид:).

Твојата бјути рутина што редовно ја практикуваш?

Добар одмор и позитивна енергија, релаксирачки бањи и грижа пред се за духовната убавина бидејќи колку и да звучи клише јас верувам дека нашата убавина доаѓа од внатре.

Тоа е нашата вистинска убавина и неа треба да ја негуваме.

Козметички производ или шминка што секогаш го имаш во твојата чанта?

Крема за раце, балзам за усни и компактна пудра а понекогаш и руменило.

Твојот омилен парфем?

Burberry Body и Donna Karan Be Delicious.

Како се одржуваш во форма?

Работата најмногу ме одржува во форма но на дневно ниво  комбинирам и пешачење,возење точак, вежби за истегнување, јога за релаксација а од неодамна почнав и со пливање.

 

И за крај кој би бил твојот совет за некоја млада девојка што би сакала да стане актерка и да се запише на глума во Македонија?

Следете ја својата интуиција и страст, секојдневието постојано ќе ве искушува и ќе ви создава сомнежи но следете го својот сон и работете напорно на само себе усовршување бидејќи во оваа професија вие и вашиот физички и ментален склоп сте инструментот со кој ќе работите.

Фото: Ерина Богоева
Facebook Comments
(Visited 937 times, 1 visits today)

ADVERTISEMENT