Мораат да бараат пари од родителите – коронавирусот им го уништи гламурозниот живот на инфлуенсерите на Инстаграм
Инфлуенсерите банкротираа заради коронавирусот
Корона вирусот можеби не го промени целиот свет, но комплетно го смени Инстаграм.
Милиони корисници на најпопуларната социјална мрежа во текот на изминатите 40 дена можат да следат претежно јавувања во живо или стари слики на познатите инфлуенсери. „Bussines Insider“ известува дека сообраќајот во живо на Инстаграм е зголемен за повеќе од 200%.
„Би-Би-Си“ пишува дека времето на бизнисот со Инстаграм во моментот е минато и дека коронавирусот дефинитивно го убил гламурозниот живот на инфлуенсерите.
Економските последици од пандемијата на коронавирусот се далекусежни, а буџетите за рекламирање и маркетинг се меѓу првите што паѓаат, бидејќи претприемачите бараат да преживеат. Ова ќе создаде проблеми и за најголемите медиуми, но најпогодени ќе бидат инфлуенсерите на Инстаграм и другите социјални мрежи. Компаниите едноставно нема да можат да им плаќаат за своите реклами.
Не само што ќе останат без спонзорства, туку остануваат и без можност да создаваат содржина на социјалните мрежи.
Производството запре, па немаа што да рекламираат. Тие не можат да патуваат, затоа мора да останат дома.
„Моето последно патување беше во февруари. Требаше да одам во Финска во март, Етиопија во април и да бидам на Малдивите следната недела – веројатно ќе поминав повеќе од половина година надвор од земјата“, изјави познатата „травел“ блогерка, Алекс Оутвајт, за „Би-Би-Си“.
Парите се топат, а нови нема да заработат уште долго време
Приходите од реклами само на нејзиниот канал на Јутјуб се намалија на помалку од 100 фунти, што е намалување за околу 1.000 фунти месечно. Таа исто така изгуби пари и за авионските билети за патувањата кои сега се откажани. „Сè е наопаку“, вели таа. „Од приходите што го имам и заштедата, нема да можам да живеам уште долго време“.
И познатата блогерка Карен Беддоу се откажа од својата работа како адвокатка пред четири години за да го води својот сопствен блог за семејни патувања „Mini Travelers“. Таа месецов заработи само 350 фунти, што е за 95 % помалку отколку во јануари. „Тоа е мал бизнис кој што го градам последните шест години и многу време вложив во него“, вели таа. „Мислам дека луѓето не гледаат колку работи се одвиваат зад сцената – мора да бидете во можност да фотографирате, да уредувате видеа, да испраќате фактури, да ја поправите веб-страница, да одговорите на е-пошта“, се пожали таа.
Сите настани се откажани, влијателните позајмуваат пари од родителите
Коронавирусот го уништи и бизнисот на Биркин Бој.
Израел Касол, кој на социјалните мрежи е попознат како Биркин Бој со својата колекција дизајнерски чанти во вредност од повеќе од 100.000 фунти, беше масовно платен за да се појавува на настани и да ги покаже брендовите на својот Инстаграм. Сега тој вели дека мора да позајми пари од татко му за да излезе на крај со кризата.
„Се е откажано“, објаснува тој. „Обично објавувам слики со торби и луксузна облека, но никој не сака да ги види во моментов – никој не се грижи за модата бидејќи никој не оди никаде“, се жали Биркин Бој.
Извор: Индекс.хр