Многумина останаа без работа, без туристи нема бизнис: Снешка Д. Јаневски за животот со корона во Дубаи

Беше еден од најпрепознатливите гласови на Антена 5 радио, а ја паметиме и по разни ТВ-проекти. Денес е успешна диџејка и водителка за која пишуваат дури и светски медиуми и веќе подолг период со сопругот и синот живее во Дубаи.

Снешка Д. Јаневски специјално за читателите на порталот „Гламур“ раскажува како овие денови се живее во еден од најизвиканите светски бизнис центри, каква е состојбата со коронавирусот таму и како таа со семејството ги поминува деновите во самоизолација

ADVERTISEMENT

Снешка, како овие денови се живее со коронавирусот во најголемиот и најнаселен град во Обединетите Арапски Емирати?

– Од пред точно 3 дена се живее во изолација, како и во остатокот од светот, се со цел да се спречи ширењето на вирусот. Одеднаш стана панично поради фактот што Дубаи е туристичка дестинација. Кога ги нема туристите нема бизнис, многумина останаа без работа или на принуден неплатен одмор, а многумина, за жал, и си заминаа од тие причини.. Некои пак не можат ни да патуваат поради откажаните летови и се во тешка ситуација..

Од друга страна пак, се чувствуваме „сигурно“ зошто знаеме дека здравствениот систем тука функционира беспрекорно и се превземаат сите мерки и ресурси потребни за вонредна ситуација. Болниците се добро опремени и владата ги сноси трошоците за болните од вирусот.

Исто така се обрнува големо внимание на хигиената , насекаде има поставено дезинфициенти и упатства, и се врши редовна дезинфекција насекаде.

Како генерално се однесувааат луѓето кои живеат таму? Се чувствува ли голема вознемиреност? Дали, на пример, панично се купува по маркети?

– Генерално се почитуваат препораките од владата, но да бидам искрена пред да ги затворат клубовите, тие беа полни.. Значи голем дел од луѓето не го сфатија сериозно тоа што се случуваше во Кина, па и Италија.. Сега е поинаку-не работат клубовите, рестораните имаат рестрикции во однос на број на резервации, одредено растојание помеѓу масите, број на персонал итн.. Моловите исто работат со скратено работно време , а теретаните, детските игралишта и рекреативни центри, базени-не работат.

Во маркетите се пазари можеби малку повеќе од обично – тоа е факт, но не поради страв дека ќе снема намирници, туку да нема потреба луѓето да одат често во супермаркетите и да одбегнат ризик..

 Градинките и училиштата се затворени. Како твојот син и децата воопшто се анимираат додека трае самоизолацијата? Како им поминува денот, дали имаат онлајн настава?

– Овде училиштата се затворија на 5-ти Март, но тоа е вообичаено, зошто имаат пролетен распуст од 2 недели во овој период до 20-ти Март. Поради новонастаната ситуација се продолжи распустот до 4-ти април, но сепак тоа може да продолжи повторно во зависност од состојбата во државата.

Од оваа недела почнуваат со онлајн учење, веќе имаме платформи на телефоните каде што се информираме за сѐ сто е поврзано со училишните активности, прогресот на детето итн.. Сѐ уште конкретно ги немаме добиено материјалите, но планот за работа го добивме и се надевам ќе биде успешно.

Ние се трудиме да бидеме цело време активни со детето дома и да не биде досадно. Играме разни игри, читаме, учиме македонски и француски и се обидуваме секој ден да објаснуваме зошто не можеме да одиме во парк или игротека.

Според извештајот на Светската здравствена организација, бројката на заболени таму во моментот не е алармантна ако се земе в предвид бројот на жители. Сепак, мерките на претпазливост стануваат се поригорозни. Што конкретно смеете, а што не смеете да правите овие денови во Дубаи?

– Дубаи брои околу 4 милиони и според последните информации бројот е 113 лица од кои 85 активни случаи, 2 критични, а останатите се излечени. Починати засега нема. Мерките се на високо ниво, веќе споменав за рестрикциите . Исто така џамиите се затворени во наредните 4 недели,стопирани се визите за туристи, резервациите за хотели, откажани сите настани.. Сѐ што се превзема на светско ниво се спроведува и тука.


Плажите засега не се затворени и има луѓе кои одат на плажа, но генерално движењето е подзабавено во градот.

И ти и сопругот се занимавате со музика. Вашата работа како уметници и како диџеи е флексибилна, но во овие моменти и сериозно погодена кога сите кафулиња и дискотеки во Дубаи се под клуч. Како конкретно вам како семејство ви поминува времето во овој неизвесен период?

– Ние сме посебно засегнати во моментот поради тоа што нема ентертејмент и работат само рестораните, не и баровите. Плус доаѓа Рамадан и летниот период кога вообичаено градот се празни. Е сега, не знам како ќе биде летово поради целава ситуација и поради некои натписи дека вирусот не живее на високи температури, но и тоа е дискутабилно прашање зошто овде преку ден е веќе 30 степени.

Од друга страна, овој град не може да живее без забавата и музиката, така што тоа мора да профункционира, се надевам за брзо време, така што повторно ќе се вратиме во нормала и со нашите ангажмани.

Сега ќе имам доволно време да ја ресетирам мојата музичка библиотека и нормално да ја надополнам за периодот кој доаѓа. Секако дека сега го користиме максимално времето тројцата заедно и надокнадуваме за времето кога се гледавме поретко.

Претпоставувам дека со сопругот секојдневно ја следите ситуацијата и кај нас, секако имате многу блиски луѓе во Македонија. Како ви се чинат работите гледани од страна, илијадници километри далеку од татковината?

– Секако дека следиме што се случува дома, не само сега туку секогаш, и верувајте дека нам што сме далеку од саканите ни е потешко. Се слушаме секојдневно со фамилиите и со тие што им текна да нѐ прашаат и нас како се справуваме и посакуваме сите да бидат добро, да ја земат сериозно состојбата и да се придржуваат кон мерките, зошто само така може да има позитивен исход . И побрзо да излеземе од блокадава што се случува на многу нивоа. Секој може да се воздржи барем две недели да биде дисциплиниран и да се обиде да се избегне катастрофа.

(М.Ј.С.)

Facebook Comments
(Visited 751 times, 1 visits today)
Loading...
z