Малиот херој од Охрид, кој минатата година го преплива Охридското Езеро, се подготвува за нов голем подвиг.
Фото:Марко Пејчиновски/Фејсбук
Тој се помоли пред Бога: “Господе, и денес велам нека биде ВОЉАТА твоја!” Спремен за ГОЛЕМИОТ подвиг – за освојување на езерото и 64км – за РЕТКИТЕ! – напиша Марко на својата Фејсбук страна.
На својата Фејсбук фан страна Марко Пејчиновски најави дека на големиот христијански празник, Голема Богородица, ќе плива од Охрид до Св. Наум, преку Струга назад до Охрид.
Марко ќе плива за децата со ретки болести. Специјално за овој настан се изработени маици во бела и црна боја за поддршка на лицата со ретки болести. Истите чинат 300 денари, а приходот минус трошоците од секоја продадена маица ќе оди за помош на оваа категорија граѓани.
Тој лани на 28 август го преплива Охридското Езеро иако има некроза на ногата, и стана добитник на Климентова повелба, која градот ја доделува на заслужни граѓани, потврдија од кабинетот на охридскиот градоначалник.
Млаиот херој на крајот на август изведе вистински подвиг кога го преплива Охридското Езеро, од Свети Наум до градското пристаниште. Патеката ја преплива за околу девет часа, а бидејќи има некроза на ногата, најмногу ги користеше рацете. Малиот Пејчиновски тогаш изјави дека плива оти сака да оздрави кога ќе порасне.
Марко има некроза на еден дел на коската на ногата како резултат на пореметување на крвотокот. Тоа доведува и до проблеми со моториката. Тој во пливањето повеќе ги користи рацете отколку нозете и знае како да го синхронизира тоа.