Марков: „Потрудете се секој ден да го искористите и да изгледате најдобро што е во ваша моќ“
Динамичен, секогаш свој и со препознатлив стил. Дизајнерот Марков остава впечаток каде и да се појави. Веќе неколку години успешно ја гради својата дизајнерска кариера. За тоа како ќе ја претстави новата колекција, како пандемијата предизвикана од Корона вирусот ги погоди модните дизјанери, но и за тоа како ќе ја памети 2020 година и што би променил во Новата Година прочитајте во продолжение….
Ви недостасуваат ли модните случувања и ревии во овој период?
Модната индустрија бргу се прилагоди на новонастанатите специфични услови, така што по една сезона виртуелни алтернативни презентации од кои дел беа навистина интересни да се проследат, веќе последната модна сезона добар дел од дизајнерите се навратија на конвенционалното прикажување колекции- преку ревии. Единствено различно е што овој пат или нема публика или е значително намалена почитувајќи ги мерките за соодветна физичка дистанца. Така што не ми недостигаат модните случувања бидејќи будно и секојдневно ги следам преку својот smartphone.
Ве инспирираше ли нешто посебно во овој период, нов начин на живот за сите нас?
Изминатиов период одкако настапи на сила Covid19, посебно првото тромесечие морам да признам дека многу одмарав, читав и обсесивно гледав Tv-shows, не размислував на ништо. Сега кога веќе безмалку навршува година откако не само мојот туку и животниот тек на останатите е променет, размислував околу фреквенцијата и начинот на презентирање на свои нови идеи, нови модели. Тоа е нешто на кое размислував и предходно, меѓутоа овој период имав време убаво да промислам стратегија за понатамошно функционирање. Во однос на инспирација дополнително го продлабочив познавањето на темите на кои се базира мојот стил, размислував за негово понатамошно дефинирање, еволуција и проширување.
Кои се вашите планови, како би ја презентирале новата колекција на публиката?
Идните планови се поврзани со аналитичкото размислување кое како што веќе споменав изминатиов период го кристализирав. Би сакал претстојната 2021 година да понудам почесто помали наменски МАРКОВ модни епизоди кои би се состоеле од не повеќе од 7 Looks. Во однос на презентација, фотосесиите се неизбежен и омилен дел на заокружување на една целина, покрај тоа би правел многу интимни наменски коктел презентации за клиенти.
Се промени ли нешто во вашата работа, во овие неколку месеци од кога владее пандемијата предизвикана од Корона вирусот?
Она кое што се промени беше слободната пролет и лето, кои во нормални околности требаше да ми бидат поприлично исполнети со работа со клиенти. Разбирливо речиси вооошто немав работни ангажмани должејќи се на откажувањето на секаков тип прослави и огрничувањето на можностите за шетање и патување. За среќа работите почнаа да се придвижуваат и есенва ми помина креирајќи и спроведувајќи нарачки од моите колекции.
Се работи исклучиво за талент, или и формално се имате образувано за да бидете моден дизајнер?
Во една прилика мојот ментор професор Изет Цури ми рече: “Игор, ти имаш голем талент, меѓутоа мора да работиш многу и ќе постигнеш многу; има и такви кои немаат талент, тие исто така мора да работат многу, ама на нив им е џабе.” За човек да биде успешен во животот, потребно е да има високо развиена самосвест која ќе му ги воочи сопствените афинитетите и покрај тоа да умее да ја препознае вродената вокација. Кај мене креативноста, талентот за пропорција и чувството за естетика беа многу силно изразени уште од најрана возраст. Првенствено завршив 5 годишни студии по архитектура. Веднаш по мастер студиите, продолжив со дообразување, меѓутоа овој пат во областа на модата. Интензивно нешто повеќе од две години го посетував школото на Изет Цури, каде преку практична работа започнав со помош на негово менторирање да ги манифестирам своите идеи во готови парчиња облека. Истотака се усовршував и во Милано на престижниот Istituto Marangoni, академија за мода која е постојано рангирана во први 10, школо со долга традиција. Да заокружам, би релол дека талентот е најмалата меѓутоа неопходната, круцијална компонента, додека пак вештините се нешто што се стекнува и култивира преку образование и работа.
Што според вас е потребно да се позиционираш и да успееш на светската сцена?
Според мене повеќе фактори играат улога, покрај талентот и образованието доколку зборуваме за успех во рамки на постоечка етаблирана модна куќа тогаш несомнено и контакти, обезбедување првенствено најчесто на неплатен internship и трпеливо искачување и докажување во хиерархијата, кое веројатно би траело со години. Доколку зборуваме за глобален успех на сопствен бренд, пред сѐ добар буџет за маркетинг и пр цели. Сценирање на hype моменти на социјалните мрежи преку инфлуенсери и познати личности.
Со кого од светската естрада би сакале да имате соработка?
Многу би сакал да ги видам Charlize Theron, Nicole Kidman, Cate Blanchett, Sade Adu, Adele, J.Lo, Naomi Campbell, Natasha Poly во мои дизајни.
Знаат ли скопјани да ги следат Светските трендови?
Скопјани според мене и премногу се потпираат на следење на трендови, не сфаќајки дека тие не го дефинираат стилот, им фали индивидуалност, оригиналност и креативност при култивирање на модниот стил.
Кое е вашето животно мото?
Бидете принципиелни, автентични, доследни на себе во однесувањето и тоа природно, хармонично ќе се рефлектира на вашата визуелна појава. Потрудете се секој ден да го искористите и да изгледате најдобро што е во ваша моќ.
Што ве прави среќен?
Убави работи, како голема естета, уживам во убави предмети и искуства. Посети на музеи и галерии, патувања, посети на спа салони. Време поминато со блиските во добар ресторан.
Која работа никогаш не сте ја направиле, а сте сакале?
Многу работи никогаш не сум направил, меѓутоа ќе издвојам, учење на француски јазик, тоа ми е една од работите на to do листата за 2021.
Што за вас ја одбележа оваа 2020 година која полека одминува?
Времето кое го имав да рефлектирам во која точка сум од сопствениот животен пат.
Имате ли посебна музика која ве инспирира?
Уживам во музика со многу емоција, додека работам сакам да ги слушам покрај Sade, која ми е омилена и Adele, Lana Del Rey, John Legend, Sam Smith…
Што би промениле во новата 2021 година?
Не би променил ништо (освен што би го избришал Covid19).