Институциите во Бугарија будно го следат процесот на добивање на пасоши, посебно за граѓаните од Македонија
Неодамна беше објавено дека во Благоевград во Бугарија постои една бандера која има своја адреса преку која државјани од Македонија се запишуваат за да добијат уверение за бугарско потекло. На оваа адреса живеат илјадници Македонци со бугарски пасоши, пренесуваат медиумите.
Овој неверојатен податок како дел од големата шема за продавање на бугарски државјанства на странци го откри Катја Матева, поранешна директорка на Советот за државјанство на бугарското Министерство за правда во разговор за „Eu Observer“, пренесе своевремено македонската агенција МЕТА. Според неа, оваа шема се уште е актуелна.
Имено, според Матева човек во едно село во близина на Благоевград регистрирал адреса на една бандера за да би можел на неа да ги запишува државјаните од Македонија кои барале уверение за бугарско потекло.
„Бугари“ под наводници
Илјадници луѓе се регистрирани на оваа бандера, изјави Матева за „Eu Observer”, а пренесе српскиот Телеграф.
Полицијата и обвинителството откако беа обелоденети овие податоци уапсија неколку инволвирани личности, меѓу кои и директорот на Агенцијата за Бугари во странство, Петар Харалампиев. Тој беше осомничен дека е организатор на групата која земала мито за издавање на бугарски документи.
Но како што тврди Матева, и покрај неговото апсење ситуацијата не е променета воопшто. Се уште се плаќа од 500 до 7000 евра, а пари се бараат дури и од оние што имаат уредни документи за добивање пасош.
Таа проценува дека за 11 години, колку што таа ја вршела таа функција, најмалку 5000 луѓе кои немале никакво бугарско потекло секоја година успевале да дојдат до овој лажен сертификат. Покрај Македонци, бугарски пасоши вадат и жители од Молдавија, Србија и Русија, а високо на листата се наоѓаат и Израел и Турција.
Според податоците од властите во Софија, само од 2011 до 2016 година околу 70.000 Македонци без бугарско потекло добиле бугарски пасоши. Денес сите тие стравуваат дека ќе и бидат одземени бугарските државјанства.
Истрагата врзана за издавање на бугарските пасоши за жителите од земји надвор од Европската унија започна по сигналот добиен од комисијата за борба против корупција, а приказната стигна во јавноста откако беше уапсен претседателот на Државната агенција за Бугари во странство, Петар Харалампиев. По истрагата обвинение беше подигнато само против него, генералниот секретар на агенцијата Красамир Томов и против уште две други лица.
При претресот на Агенцијата за Бугари во странство во сефот на Красимир беа пронајден околу 250.000 евра во готово.
Кучињата си лаат, караванот си врви
Интересно е што и денес многу Македонци чекаат да добијат документи за бугарско државјанство. Тоа можете да го видите и преку огласите каде посредниците нудат помош за вадење на овие документи, а со еден од нив разговаравме и ние. Тој ни потврди дека се е легално, и дека без проблем може секој што ќе докаже потекло да извади пасош.
Што се однесува до потеклото пак, лицето ни кажа дека може и тоа да се среди со посредство на друго лице во Македонија.
Од друга страна деновиве во македонскиот портал Галама исплови и информација на незадоволен граѓанин кој бил одбиен и не добил пасош од властите во Бугарија и покрај тоа што претходно, наводно, ги поминал сите постапки за добивање државјанство. Тој апелираше до сите Македонци што сакаат да извадат документи преку посредници, што ги има во голем број во источна Македонија, да не го прават тоа, бидејќи ќе бидат одбиени. Наводно ваквата ситуација е резултат на договор меѓу највисоките раководства во двете држави, но овие информации се уште не се потврдени.
Исто така се уште никој со сигурност не може да каже што ќе се случува со оние кои веќе извадиле бугарско државјанство и дали во блиска иднина ќе бидат проверувани за валидноста на нивните бугарски документи.
Што мислите за оваа тема? Споделете го вашето мислење со нас во коментарите…