Македонците ги испразнија рафтовите – гужва и хаос во маркетите заради коронавирусот!
Македонците ги испразнија продавниците
На фотографиите јасно се гледа дека луѓето ги полнат корпите и ги празнат рафтовите во страв од епидемијата.
Сепак, надлежните предупредуваат дека нема место за паника и дека граѓаните треба да ги следат советите на професионалците, а не да складираат храна без потреба бидејќи со самата постапка шират паника.
Се празнат рафтовите со макарони, шпагети, масло за јадење, тоалетна хартија, брашно и конзерви, но и дезинфекциски средства и хируршки маски. Се полнат колички, се чекаат редици во маркетите, а дезинфекциските средства, ракавици и маски ги снемува и од рафтовите во аптеките.
„Во маркетите е гужва во секое време. Стари луѓе со полни колички во кои ќе видите од тоалетна хартија, до брашно и шпагети. Рафтовите се празни, најверојатно луѓето се плашат да не останат заробени дома, без основни прехранбени намирници“, ни вели една граѓанка од Скопје, изненадена од она што се случува во маркетот во кој секој ден купува.
„Вака не било никогаш. Продавачките носат маски и ракавици, пред касите редица од граѓани со полни колички и корпи. Како некој да ни објавил војна“, додава таа.
Една од вработените во маркетот, која ревносно си ја вршеше работата, вели дека ја викнале да се врати од годишен одмор. „Неколку колешки мораа да заминат на одмор бидејќи нема кој да им ги чува децата. Затоа на мене пак, ми го прекинаа одморот и морав да се вратам на работа. И да, вака не било никогаш. Добавувачите не можат да наваксаат, магацините речиси постојано ни се празни. Недостасува се – од конзерви нарезок, до брашно и средства за хигиена“.
„Најмногу се купуваат залихи храна – првенствено ориз и тестенини, како и тоалет хартија и средства за дезинфекција. Слична е ситуацијата и со брашното, а во некои продавници нема ни леб“, ни вели нејзината колешка.
Ваквата ситуација во Македонија настана посебно откако министерот Венко Филипче ги најави посебните мерки заради епидемијата. Паника најверојатно настана и заради информациите во Италија од каде веќе со денови ни доаѓаат слики на полупразни продавници и гужви.
Слична е ситуацијата и во другите земји од регионот, па и тамошните трговци имаат проблеми со залихите.
Истата слика може да се забележи и во маркетите низ целиот свет, посебно откако Светската здравствена организација прогласи пандемија од опасниот вирус. Граѓаните стравуваат да не бидат заглавени дома заради епидемијата и да не останат без клучните прехранбени производи, па хараат низ продавниците за да складираат храна.
Сите кои беа тестирани денес во Македонија немаат корона вирус
Негативни се резултатите на сите кои денеска се тестираа за корона вирус, соопшти Министерството за здравство (МЗ).
– Претпладнево на корона вирус беше тестирано едно лице кое на 7 март пристигнало во земјава од Германија, како и осум лица поврзани со првата заболена пациентка од Скопје – сопатници и блиски контакти, кои во изминатите две недели беа во домашна изолација, велат од Министерството.
Патниците од Струмица кои поминале 14 дена во домашна изолација, а пристигнале со првата заболена пациентка на корона вирус ќе бидат тестирани утре.
Попладнево на седница на Владата, како што соопштија од МЗ, ќе бидат дискутирани мерките кои ги препорача Министерството за здравство по состанокот со Комисијата за заразни болести и Комисијата за следење и информирање за корона вирусот. „За заклучоците, Владата и Министерството за здравство ќе информираат по завршување на седницата“, се додава во соопштението.