„Македонките се самоуверени, сензуални и се осмелуваат да ја живеат својата женственост. Тие уживаат во модата и горат за неа“
Успешна модна приказна зад која стојат две успешни дами кои потекнуваат од Македонија и творат под брендот „Анастасја Трајковски“.
Сестрите Анастасја и Елизабета Трајковски повеќе од десет години работат на остварување на својот сон. Нивните модни креации биле дел од многу светски модни настани и често се застапени на црвените килими низ светот. Иако одамна веќе не живеат во родната земја, во интервју за Гламур.мк признаваат дека Македонија им недостасува, како и семејството и пријателите. Велат дека покрај големите работни обврски кои ги имаат, првиот слободен период го користат да дојдат во родниот град Скопје.
Како почна вашата приказна за брендот што го носи името „Анастасја Трајковска“?
Уште како мало дете сонував да дизајнирам облека. Излозите во стариот трговски центар отсекогаш ме фасцинирале, модните списанија и модната сцена како такви. Животот не оденсе во странство, а модата застана на задното место. Никогаш неможев да ја испуштам модата и решив пред точно 11 години да ја основам етикетата. Бети ме следеше, останатото е историја.
Кои се најголемите предизвици со кои што се имате досега соочено и кога ви било најтешко?
Најтешките моменти ни беа почетоците на нашата работа и пандемијата која претставуваше огромен професионален и приватен предизвик.
Ние живееме и работиме во 3 различни земји. Пандемијата беше шок за нас. Прв пат во нашите животи се соочивме со затворени граници, ограничување на слободата и ограничување на движењето.
Се ова влијаеше и на нашите клиенти бидејќи ние не правиме мода за одредена религија или националност туку за силни жени. Актуелната енергетска и економска криза ја оптоварува модната индустрија.
Колку Македонките знаат да се носат со модата?
Многу добро. Македонките се самоуверени, сензуални, многу женствени и се осмелуваат да ја живеат својата женственост. Тие уживаат во модата и горат за неа.
Што треба да биде задолжително во плакарот на секоја дама?
Класична блуза во светла нијанса како бела или светло сива е апсолутна задолжителна основа на секоја гардероба, бидејќи е неверојатно разновидна и затоа е неопходна. Фармерки, блејзер, краток црн фустан како елегантна верзија , високи потпетици и кожна квалитетна ташна е нешто што секоја дама треба да го поседува.
Колку често сте во Македонија и што правите прво кога ќе дојдете?
За жал, не доволно често бидејќи сме многу зафатени. И покрај се 2-3 пати годишно успеваме да бидеме во родниот крај, родното Скопје. Прво кога ќе дојдеме е пораката што ја испраќаме „Стигнавме“ па потоа следи ручек или вечера со пријателите и фамилијата.
Кои се вашите омилени козметички производи?
Двете користиме навлажнувачки серум од „Estée Lauder“. Друг омилен производ ни е „Caudalie Eau de Beaute“. Црвен Кармин од „Chanel“, маскара „Dior“.
Што има секогаш во вашиот несесер?
Маскара, кармин и сјај за усни. Огледало, марамчиња, пастили, крем за раце и парфем.
Кое е твоето омилено парче облека? Во што се чувствуваш најдобро?
Во моментов повеќе сакам да носам дводелни костими и елегантни капути. Ролки во комбинација со панталони и блејзер. Удобно се чувствувам во висококвалиетни природни материјали.
Вашето живтоно мото?
Не посакувај, работи на остварување. Верувај во тоа што ти кажува срцето.
На што работите во моментов?
Работиме на лимитирана колекција. Покрај тоа моментално е сезона на многу балови и настани во Европа и работиме на колекција за годишниот филмски фестивал во Кан.
Каде следно ќе се претставите и со која креација?
Моментално се подготвуваме за Виенскиот бал на 16-ти февруари. Ќе носиме Old Hollywood, помпузни креации во црно и лила боја. Виолетовата боја ќе биде боја за следните две години.
Фото: Приватна архива
Подготви:
Ивана Крстеска-Јаневска