Млада и талентирана писателка која активно твори и пишува и зад себе веќе има неколку дела. Ксенија Николова пишува од својата најрана возраст, а тематиките кои ги обработува во своите дела се посветени на животот и сите околности во истиот, испреплетени со емоции. Многу девојки се пронаоѓаат во нејзините мисли и цитати кои ги споделува на социјалните мрежи.
Јавноста те запозна по Бејби- шоу, замислуваше ли Ксенија дека ќе биде некогаш актерка?
Имаше еден период кога сакав да бидам актерка, но тој период беше само период. Во еден момент од животот, сфатив дека таа професија не е за мене, и иако многу го сакам театарот и филмот, сепак тоа не значи дека поседувам талент за да бидам актерка. Сега сум сигурна дека доколку вистински било тоа за мене, ќе се случело.
Која е твоја работа од соништата?
Искрено, јас ја работам мојата работа од соништата и тоа е мојот благослов. Мојата работа од соништата е да бидам писател и текстописец, а јас сум тоа. Се разбира, има уште многу нови нешта кои сакам да ми се случат и си ги посакувам во врска со мојата кариера, имам уште многу да учам и да растам, но јас го работам тоа што го сакам и јас сум среќен човек.
Твоите цитати и мисли се многу споделувани на социјалните мрежи, како црпиш инспирација?
Инспирација не ја црпам, туку таа самата ми доаѓа. И тоа е уште еден благослов за кој сум бескрајно благодарна. Прекрасно е да имаш нешто што ја вади уметноста од тебе, нешто што те движи и те тера да создаваш.
Неодамна излези и твојот нов роман насловен „Сите мажи ја сакаат Лиа“, ќе ни откриеш што се крие во ликот на Лиа?
Лиа е совршено несовршена, бескрајно вистинска и неверојатен мотив и борец против стравот. Кој ја запознал Лиа, тој се запознал и себеси.
Што следно може да очекува читателската публика од Ксенија?
Имам доста планови, но како и секогаш, оставам чувствата да ме движат и да ми го покажат патот. Продолжувам да творам, патувањето трае и трае …