Биркин моделот Himalaya е еден од најпосакуваните на светот
Познатата француска модна куќа „Hermès“ првиот „биркин“ модел „Himalaya“ го направи во 2008 година, инспирирани од нијансите на највисоката планина на светот. Моделот беше нешто помал од класичната биркин чанта, а беше посебен бидејќи се правеше од кожа од африкански крокодили што живеат во реката Нил. И бидејќи овој вид на крокодили има нешто помазна кожа од останатите припадници на овие животни, беше изразито барана, особено меѓу познатите дами кои можеа да си ја дозволат истата. Според сручните лица, за изработка на една ваква чанта беше потребна кожа од три крокодили, кои ги набавуваа од фармите на „Hermès“ во Африка, Тексас и Австралија.
Беше украсена и со бело злато и дијаманти, што дополнително допринесе за високата цена на овој модел. Кога прв пат се појави на пазарот чинеше околу 100.000 долари. Но оваа чанта всушност никогаш не се појави вистински на пазарот. Беше направена во крајно ограничена серија за клиенти од ексклузивниот попис, а годишно се изработуваа само два парчиња. На списокот се најдоа славни дами како Селин Дион, Тамара Еклестон или Викторија Бекам која во својот плакар има неверојатна колекција од стотина „биркин“ чанти.
И бидејќи трендсетерките го обожаваа овој модел, брендот почна да ја произведува и „Kelly“ верзијата на оваа чанта која во тоа време можеше да си ја дозволи и младата ријалити ѕвезда Ким Кардашијан.
Поради ексклузивноста и двете чанти станаа колекционерски парчиња на кои како минуваше времето, „стравично“ им растеше вредноста. Па така на аукција на престижната куќа „Christie“ во 2016 година еден модел од оваа „биркин“ чанта се продаде по цена од преку 300 илјади долари.
„Himalaya“ тогаш стана најскапата чанта на светот, а според многу модни критичари купување на една таква чанта е попаметно дури и од инвестирање во недвижнини или класични уметнички дела.
Во исто време против производството на оваа чанта се противеа многу активисти за правата на животните, кои гласно протестираа против фармите со крокодили за оваа намена, па така „Hermès“ одлучи повеќе да не го произведува овој модел и на тој начин оваа чанта доби култен статус.
Но и покрај тоа што повеќе не е најскапата чанта на светот – таа титула и припадна на дијамантската чанта 1001 ноќ од „Mouwad“ која се продаде за неверојатни 3.8 милиони долари – овој модел од „Hermès“ се уште се смета за една од најпосакуваните чанти на светот.
Некои ја чуваат во добро обезбедени плакари под совршени услови, додека други не можат да престанат да ја носат и покажуваат. Меѓу нив е и Џенифер Лопез која својот култен „Kelly Himalay“ модел неодамна го носеше со тесни, сини фармерки и бели патики додека беше на лежерна вечера со Алекс Родригез, нејзиниот свршеник кој ја запроси пред неколку недели.