Колегите се простуваат од загинатите лекари: Катастрофална загуба за Македонија и македонското здравство
Со длабока болка, тага и неизмерна жалост, ја примивме веста за тешката загуба на нашиот медицински персонал, кој денес загина во сообраќајна несреќа. Прим. д-р Александар Ристески, врвниот македонски радиолог, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа утринава, доаѓајќи на своите работни места од Прилеп.
Менаџерскиот тим и целиот персонал на Болница Плодност со неверување во текот на денот ја примија веста и со длабока тага им изразуваат почит на прерано загинатите колеги.- напишаа предмалку од болницата “Плодност” на социјалните мрежи.
„Изразуваме длабоко сочувство до семејства на нашите колеги, за прераната загуба на нивните членови на семејствата. Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца. Прим. д-р Александар Ристески беше врвен бренд во македонската радиологија, но и во светски рамки. Неговата десна рака и соработник, радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, беше неизоставен дел од Одделот за рентген дијагностика. Спец. гинеколог д-р Никола Василески долги години беше дел од гинеколошкиот тим на доктори во нашата болница.
На достоен начин, Болница Плодност секогаш ќе ги памети нивните дела, но и нивните насмевки, топли зборови и секогаш отворени срца за пациентите и за колегите. Нивниот придонес ќе биде вечно запаметен и врежан во историјата на македонската медицина, но најмногу во аналите на историјата на Болница Плодност“, рече прим. д-р Таше Трпчевски, менаџер и сопственик на Болница Плодност.
Колегите на социјалните мрежи се простуваат од врвните лекари кои работеа во болницата „Плодност“ во Битола.
– Денеска загубивме тројца наши драги колеги, врвни професионалци и пред сè големи луѓе. Со неизмерна тага ја примив веста за трагичната сообраќајна несреќа во Прилеп, во која животите ги загубија примариус д-р Александар Ристески, радиолог, д-р Никола Василевски, гинеколог, и рендген техничарката Фанче Јовановска, сите дел од приватната болница Плодност од Битола. Загубивме луѓе кои посветија живот за доброто на другите и кои оставија неизбришливи траги во здравството. На семејствата, блиските и колегите на загинатите им изразувам најискрено сочувство. Нека им е вечна слава, сподели ексминистерот за здравство и неврохирург Венко Филипче.
– Катастрофална загуба за Македонија и македонското здравство, во трагична сообраќајна несреќа утрово изгубивме двајца врвни лекари Прим. Д-р Александар Ристески и д-р Никола Василевски. Животот го загуби и рентген техничар Фанче Јовановска. Сочувство до семејствата и блиските, ова е навистина тажен ден. Сочувство и до целиот персонал на болницата Плодност, напиша доктор Ненад Лазаров.