И додека кај нас бараат да се продолжи работното време, новата финска премиерка го скратува – 4 работни дена во неделата, 6 часа дневно?
Премиерката на Финска полека го освојува светот
Сана Марин има 34 години и позната е по тоа што е најмладата премиерка на светот.
Но таа деновиве го привлече вниманието на светските медиуми и со идејата за скратено работно време.
Па така додека кај нас некои компании се обидуваат да го зголемат работното време (се сеќавате на случајот со македонските текстилни компании што бараа да се зголеми работното време на осум и пол часа заради платената пауза од половина час?!), во развиените земји идејата за скратена работна недела станува се повообичаена.
Имено, државите во Европската унија посебно се познати по културата на работа прилагодена според семејството и семејниот живот, а Финска не само што НЕ се разликува воопшто по ова, туку важи и за една од земјите со најдобри услови за работниците.
„Работна недела од само четири дена, шестчасовен работен ден. Зошто тоа да не биде нашиот следен чекор? Дали работното време од осум часа е засекогаш дефинирано? Верувам дека луѓето заслужуваат да поминат повеќе време со своето семејство и со саканите, занимавајќи се со своите хобија и другите аспекти од животот како на пр. културата. Тоа може да биде следното скалило за нас во работниот свет“, изјави неодамна Сана Марин за Хелсинки Тајмс.
Новото лице на демократијата
Речиси и да не постои параметар според кон Финска не е успешна земја. Таа неодамна ја доби најмладата премиерка на светот која пак во својата влада ќе ја има министерката за финансии која е две години помлада од неа.
Но и покрај тоа што сите медиуми пишуваат за нејзините години и фактот дека е жена, Марин вели: „Никогаш не сум размислувала за своите години или полот. Мислам за причините поради кои влегов во политиката и работите заради кои стекнавме доверба од гласачкото тело. Тоа е она што е важно за мене.“
Таа во едно свое интервју истакна дека како дете се чувствувала како невидлива затоа што не можела отворено да зборува за своето семејство. Како што пишува Би-Би-Си, мајката на Сана ја одгледала заедно со нејзината партнерка во изнајмен стан. Да, нејзината мајка била лeзбeјкa, но Марин вели дека токму таа секогаш и била најголемата поддршка во животот. Ја воспитувала да верува дека може да направи се’ што ќе посака во животот, пишува Јутарњи.
Таа исто така е и првиот член на нејзиното семејство што се запишала на факултет.
Со политика ќе почне да се занимава во 2006 година. На само 27 години ќе стане дел од општинскиот совет во Темпере, вториот по големина град во Финска, а во парламентот ќе влезе во 2015 година. Нејзината ќерка има 22 месеци, а ја има добиено заедно со својот долгогодишен партнер.