Актер, водител, писател, шоумен, тој е човек кој знае и да запее и да засвири. Игор Џамбазов е мултиталент кој го гледаме на сцената на Македонсикот народен театар, но и во телевизиската серија Преспав. Одблиску разговараме со Џамбазов за неговото детство за тоа што сакал да биде во животот, како го поминува слободното време, но и што ново може да очекува публиката од него прочитајте во продолжение…
Актер, писател, водител, пејач, шоумен, што најмногу од ова му лежи на Игор?
Не е ни толку битно што мене најмногу ми лежи од сето тоа, битно е што најмногу и лежи на публиката. А дијапазонот на возраст на моите фанови варира од 5 до 85 години…некои ги сакаат моите книги, некои сакаат да ме гледаат во театар, некои се навлечени на мојата музика и стихови…некои ме сакаат само како Миле од Преспав.
Јас лично, уживам баш во се. Сега сум токму во таа фаза од животот кога ми остана само и само да уживам во животот, во моите пријатели, во мојата работа, во мојот Дојран.
Посакуваше ли Игор некогаш професионално да се занимава со нешто друго?
Искрено, не…можеби како многу мал сум ја имал фазата што ја имаа скоро сите деца од тоа време, да бидам фудбалер, лекар, професор, пилот…но кога веќе почнав да го осознавам животот во мојот тинејџерски период, ја добив и укогата на Трајче во Волшебното самарче. Е тогаш, уште за време на снимањето, јас знаев дека тоа е тоа. Тоа е она што сакам да го работам дур сум жив.
Какво детство имаше Игор?
Незаборавно. Би сакал сите деца на светов да имаат такво детство. Безбрижно, мирно, забавно, едукативно, по шемата на социлијастичките кодекси за семејство. Роден сум во центарот на Скопје, на улицата НИКОЛА ПАРАПУНОВ, спроти Соборниот храм. После земјотресот сме се преселиле во зграда која се наоѓаше точно на местото на денешниот старо-нов МНТ, а од 1970 се преселивме во Козле. И што ти е животот. После толку перипетии и селидби, повторно си се вратив во моето старо мало во Козле. И повторно се дружам со истите луѓе од пред 45 години, или со нивните деца на кои им ги прераскажувам анегдотите од нашето детство. Денешниве деца, за жал може само да сонуваат за такво детство. Тие денес се робови или на технологијата, или на комплексите на своите родители.
Што најмногу Ви фали од детството?
Пепеуритките во стомакот кои ги добивав секогаш кога ќе ја видев неа. Мојата прва љубов. Светле. Светле со која прв пат „се пољубивме“ – филмски. Во Козле нормално. На нагорнината накај Трнодол, една приквечерина 1976. Пред десетина години се сретнавме во една замрзната уличка во Дебар мало. И јас нормално не ја познав. Дури откако ми кажа, сфатив дека е таа. Пеперутките одамна одлетале, ама нејзините очи се уште ме гледаа насмеано…
Што прави Игор кога не е во театар?
Пишува, патува, настапува, свири, снима, пее, ужива со сите расположиви пријатели кои се расположени за такво нешто. Но токму во овој период, се подготвува нова претстава во мојот театар, во која играм една многу интересна улога, така што во следните два месеца јас ќе бидам повеќе во театар отколку дома, Дома, само за спиење…
Подобро пееш или свириш гитара?
Да знаев јас да пеам, ќе пеев во Би Џис. Јас сум повеќе интерпретатор на сопствените стихови. Некои луѓе тврдат дека пеам сосем солидно, а некои го велат спротивното. Мене ми е битно што слушаат и едните и другите. А што се однесува до гитарата, таа е секогаш до мене. Еве и сега, додека во полулежечка положба одговарам на прашања, палецот од десната нога ми ја допира гитарата која лежи во креветот заедно со мене. Гитарата е жена која никогаш не ме изневерила…
Може ли наскоро публиката да очекува и нова книга од Вас?
Може. Мојата нова книга ја работам веќе цела година. Се вика „Гордан Донски“ (тоа се името и презимето на главниот лик), и зборува за еден актер кој завршува во затвор. Едвај чекам да се вратам во Дојран и да продолжам со неа. Дојран е најкреативното место на светот. Можете да очекувате одлична книга, забавна, неочекувана, вистинска…