Игор Џамбазов и македонскиот женски Меси
Познатиот македонски актер и музичар, Игор Џамбазов, на својот профил на Инстаграм објави фотографија на која позира заедно со Наташа Андонова, нашата најдобра фудбалерка којашто игра за женската екипа на Барселона.
Игор под фотографијата што ја објави неодамна на Инстаграм напиша: „Случајна средба со македонскиот женски Меси , под будното око на легендата Благој Истатов“.
Инаку, Наташа Андонова е најдобрата македонска фудбалерка која последните две сезони беше дел од екипата на женскиот клуб Барселона. Таа е искрена, упорна и амбициозна девојка која најдобро се снаоѓа кога е на теренот со фудбалската топка меѓу нозете. Кариерата ја започнува играјќи со машки, во фудбалскиот клуб ГФК Неготино.
Во 2010 беше прогласена за најдобра фудбалерка во Европа, а оваа година играше во финалето на Лигата на шампионите кога нејзиниот клуб изгуби од францускиот прволигаш Лион кој ја освои титулата. Таа е прва Македонка која одиграла на еден ваков фудбалски натпревар. Потекнува од спортско семејство од Неготино и многу рано тргнала по стапките на својот татко фудбалер. На 16 годишна возраст ја започнува интернационалната кариера како фудбалерка во екипа во Германија, а потоа следуваат екипи во Франција и Шведска, за последните две сезони да игра за Барса.
Наташа оваа година потпиша договор со шпанскиот клуб Леванте – еден од најтрофејните клубови во Европа.