Иван Ангелковски: „Македонија има силна танцова сцена“

Професионален танчер кој работи кореографии за видео записи на македонски поп-ѕвезди. Иван Ангелковски како кореограф и танчер настапува и на „Евросонг 2011“. Еден период живее во Њујорк, каде се усовршува како танчер и кореограф за латино танци, под менторство на Валентин Чмерковски и Тони Доволани.

Кога и како се роди љубовта кон танцот?

Танцувам од далечната 1994 година. Со светот на танцот ме запозна мојот школски другар со кој што и до ден денешен сум во контакт и секогаш се присетуваме на тие денови. Тој денес не се бави со танц, но јас не престанав. Знаев уште од самиот почеток дека танцот е нешто со што сакам да се занимавам. Моите почетоци се во Танцовиот Спортски Клуб “Ритам плус” и се уште сум дел од нивниот тим.

ADVERTISEMENT

Што сметате за Ваш најголем успех?

Секој еден кореограф/инструктор различно гледа на успехот. Секогаш за мене успех е кога ќе видам дека моите студенти танчери го искористиле сето она што сум им го пренел како знаење во нивното танцување. Што се однесува конкретно за некој мој настап или кореографија дел од успесите кои ми се посебно мили се секако 5- то и 6- то место на Светското Првенство во Хип Хоп во категорија мала група со студиото Брејк а Лег во 2010 и 2011 година, настапот на Евровизија во Дизелдорф во 2011 година со неодамна починатиот Влатко Илиевски како негов придружен танчер, мојот долгогодишен успех на Државно ниво како државен првак во Латино Американски Танци со мојата партнерка Симона Спировска, финале на New York Dance Festival во 2013 година со тогашната партнерка Teresa Garcia, и многу други.

 

Колку е значаен изборот и практичноста на облеката за еден танчер? Дали постојат точно дефинирани дрес-код правила кај одредени танци?

Секако дека постојат правила на облекување кај одредени стилови на танц кога се работи за натпреварувачки карактер. Многу е битно кај танчерот да постои комоција при движење кога го носи костимот кога танцува, во спротивно тоа негативно ќе се одрази на неговиот перформанс затоа што мислите ке бидат насочени токму на костимот каде што нешто смета или не изгледа убаво за око. Во Латино Американските Танци се особено ригорозни правилата кои доколку не се почитуваат, главниот судија на натпреварот има за право да ја повика таа танцова двојка, да го поправи или целосно смени костимот доколку сака да продолжи понатаму со натпреварувањето. 

Често можеме да ги видиме вашите кореографии кај музичките ѕвезди, па така настапувавте и на Евросонг во 2011 година, какво беше искуството од таму?

Можам да кажам дека Евровизиското искуство е дефинитивно нешто што ќе го паметам засекогаш. Таа професионалност на целата организациска екипа таму е нешто невидено. Секоја екипа која што доаѓа е третирана на ист начин. Не постои момент на тоа да едните се повеќе познати од другите и слични калкулации. Од придружни вокали, танчери, шминкери, фризери, кореографи, сите до еден се битни и третирани прекрасно. Секогаш ќе ја паметам првата проба на сцена. Тоа за мене беше нешто не вистинито. Мора да признаам дека имав трема. Настапувавме пред 15.000 гледачи во самата сала која несебично ти ја даваат енергијата и те подржуваат. Едноставно прекрасно. Секогаш повторно би прифатил да настапувам.

Со која музичка ѕвезда Ви е предизвик да соработувате и да и направите кореоргафија?

Секогаш ми е предизвик да работам со музичка ѕвезда која има визија и креативна мисла. Треба заедно да се работи на креативноста на сценскиот настап или видео запис, како тоа што се работи на запад. Кореографите заедно со изведувачите комуницираат и креираат.

Има ли Македонија силна танцова сцена?

 Македонија има силна танцова сцена, но секако тој квалитет знае и да варира. Ова е многу деликатна професија која бара многу пожртвуваност, креативна замисла, учење, соработка, талент, работа. Постојат одлични кореографи, танчери, студија за танц, професори кои мора да бидат истрајни во тоа што го работат и не себични во однос на знаењето кое го имаат или пренесуваат.

 

Facebook Comments