CelebrityИнтервју

За да биде човек голем уметник пред се треба да биде добар човек, искрено со Борче Начев

Кога еднаш ќе го вкусите јаболкото на гревот многу е тешко да се вратите назад, вели актерот Борче Начев во интервјуто за Гламур магазин

Реклама
Реклама

Гламур интервју со Борче Начев

Борче Начев е еден од најдобрите актери кај нас, кој веќе  15 години  е дел од актерската  екипа во Македонскиот народен театар, со многу одиграни претстави, филмови, ТВ серии а исто така и е дел од македонските народни приказни.  Филмот „Сенки“ како што вели тој му беше „свето крштевање“ и многу брзо ја стекна својата популарност како актер, каде брилијантно ја одигра улогата на Лазар Перков. За својот досегашен багаж во актерството вели дека е задоволен, но со оглед на досегашната зачмаеност на театрите во земјава, како што вели самиот, и фактот дека годинава имав прв пат премиера во неговата матична куќа после цели пет години поради истата зачмаеност, сепак признава дека е далеку од тоа да бидам задоволен. Целото интервју со Борче Начев за Гламур прочитајте го во продолжение.

Приватна архива

Повеќе од 15 години сте актер во Македонскиот народен театар, многу одиграни претстави, филмови, ТВ серии и дел од актерската екипа на македонски народни приказни. Задоволни ли сте од сето она што го постигнавте досега?

Да рече човек дека е задоволен од тоа што го сработил звучи нескромно и неамбициозно. Од квалитетот на сработеното- да, задоволен сум. Но со оглед на досегашната зачмаеност на театрите во земјава и фактот дека годинава имав прв пат премиера во мојата матична куќа после цели пет години поради истата зачмаеност, би рекол дека сум далеку од тоа да бидам задоволен.

Маркетинг

Приватна архива

Од каде желбата да бидете актер и како дојде до Вашата одлука за оваа професија?

Магијата на сцената и воведувањето во актерската професија ми ги растајни мојот драг пријател Кирчо Ѓоргиев- колега од струмичкиот театар. Бев средношколец. Многу посветено и сериозно работеше со нас. Правевме претстави, ги игравме, гостувавме на фестивали, добивавме награди… Кога еднаш ќе го вкусите јаболкото на гревот многу е тешко да се вратите назад 

Маркетинг

Приватна архива

 Ми се чини дека филмот Сенки Ви ја донесе најголемата слава. Какви спомени Ви буди и дали сето она што го покажавте како актер во филмот ги исполни твоите очекувања, која сцена Ви беше најтешко да ја одиграте?

Точно. Филмот „Сенки“ беше мојата промоција на голема врата. Бев многу млад. Се уште студент. Иако до тогаш веќе ја имав одиграно и мојата прва улога во професионална претстава, снимено главна улога во еден краток експериментален филм, помала улога во филмот „Караула“ сепак „Сенки“ беше така да речам моето „свето крштевање“. Гледајќи од оваа временска дистанца носам само убави спомени и собрано искуство. Нешто што му посакувам да му се случи на секој млад актер на почетокот на кариерата.

Од филмот „Сенки“

Дали можеби пак паметите колку пати ја имате одиграно „Госпоѓа министерка“, бидејќи јас лично ја имам гледано 3 пати и навистина бевте брилијантен?

„Госпоѓа министерка“ беше на репертоарот на МНТ околу осум години. Памтам дека уште во стариот МНТ (сегашен театар комедија) прославивме јубилеј од 200 одиграни репризи за пет години. Потоа претставата ја преселивме во новата зграда на МНТ и тука ја игравме уште цели три години, значи најмалку стотина изведби. Овие бројки се по мое сеќавање. Но ако се провери во архивата на МНТ таму е заведена секоја изведба и би ја дознале точната бројка. Благодарам за тоа БРИЛЈАНТЕН погоре. Навистина ми годи кога на публиката и се допаѓа мојата работа и знае да го препознае вложениот труд од моја страна. Да, Нушиќ е голем автор, Наташа Поплавска е одличен режисер, Весна Бејби супер сценски партнер. За да се биде добар во една улога пресудни се сите овие фактори. На мојот „Нинкович“ му се случија.

Покрај театарот, филмот и сериите можеме да Ве гледаме и во македонските народни приказни каде што исто така одлично си ги играте улогите. Што Ви беше предизвик овде и дали се сеќавате на некоја интересна случка од снимањата ?

Предизвикот во народните приказни беше на почетокот кога ја снимивме првата сезона во продукција на тогашната А1 телевизија. Во тој период како и сега, немајќи скоро никаква домашна ТВ продукција беше доволен предизвик да се почне нешто да се работи. Но и огромниот потенцијал кој го нуди нашето народно творештво, сите тие мудрости, итроштини, трагични и комични човечки судбини, пораките и поуките кои ги носат во себе се доволен предизвик човек да се нурне во нив.

Приватна архива

Каде Борче се чувствува нај комотно како актер, на театарската или на филмската сцена?

Комоцијата е непожелна во актерската професија. Дури не најдеш нешто што ќе те испровоцира доволно во подготовката на новата улога односно доколку се чувствуваш комотно, значи дека не си на добар пат.

Се живее ли од актерство кај нас и што недостасува, дали Вашата професија е доволно вреднувана ? Што треба да се смени за да имате поголем бенефит од Вашата работа?

Се живее така како што се живее од секоја чесно сработена работа. Недостасуваат многу работи. На пример ни фали сериозна независна алтернативна сцена, добро менаџирање на националните установи од културата, постојана надоградба преку разни курсеви и работилници на зачмаените ансамбли, обнова на истите со млади луѓе кои ќе донесат свежи идеи. На тој начин би се зголемила конкуренцијата а тоа секогаш е добра мотивација за нешто ново и поинакво.

Сонувам за современ театар, современи сценски изрази. Имаме огромен потенцијал да се носиме рамо до рамо со европските, светските театарски трендови, само потребна е визија во менаџирањето.

Во времево во кое живееме во ова наше поднебје речиси е невозможно да се рече дека било која професија е доволно вреднувана. Вистинските вредности одамна се маргинализирани а во прв ред е целиот шлајм на општеството. Секоја општествена пора е корумпирана до последниот атом. Би било лицемерно од моја страна ако речам дека се е супер. Ако мислите на тоа дали професијава е материјално доволно вреднувана и ако ги прашате политичарите, тие ќе ви речат дека е и премногу. Се поактуелни се нивните изјави дека актерите и воопшто работниците во културата се премногу платени за ништо. Замислете нашата работа ја множат со ништо! Лицитираат по прес-конференции со платите на актери-првенци, оперски пејачи-солисти и прима-балерини како да ги исплаќаат од сопствениот џеб, притоа сумите кои си ги присвојуваат на име патни трошоци и репрезентации се дупло поголеми од највисоката месечна плата исплатена во културата. Доста лицемерно. Ги повикувам таквите да се качат на сцена и да изговорат барем еден монолог, да отпеат една арија или да се качат на шпиц патики и да свртат барем по еден пирует па после да разговараме за висината на коефициентите на сложеност на работни места според кои се пресметуваат нашите плати.

Приватна архива

Ја имате според мене најубавата но и најтешка професија, која бара многу посветеност, жртви, специфична е, дали можеби понекогаш посакувате да изберевте некоја друга професија и која би била таа?

Мојот професор по актерска игра велеше дека нашата професија е меч со две острици. Ако и се посветиш и ја работиш искрено и чесно знае да ти врати десеткратно но ако се бавиш површно може да биде вистинско проклетство. Затоа повеќе би рекол дека актерството па и создавање секоја друга уметност, повеќе е начин на живот отколку професија.

Важам за трудољубив човек, работлив. Што и да фатам, сработувам. Брзо учам и совладувам. Не се плашам од никаква работа.

Приватна архива

Која улога Ви е најдрага, и има ли некоја улога што сте ја посакале а до сега не сте ја одиграле?

Во се што сум одиграл до сега сум вложил дел од себе. Затоа не би издвоил ниту една улога. Сигурно дека постои и нешто неодиграно. Со свои четириесет не можете да ги играте ликовите кои имаат по 20 години.

Приватна архива

Повеќе од 10 години сте во брак со Александра која исто така има уметничка професија, со што Ве освои и како се запознавте ? Што е потребно за бракот да опстои покрај сите предизвици во животот?

Со Александра се запознавме на работа. Дојде во театар како дел од кореографскиот тим на тогаш новата претстава „Троил и Кресида“ која се спремаше во МНТ. Штотуку вратена од студии по современ танц во Австрија. Ме фасцинираше нејзиниот начин на работа. Поинаквиот пристап кон создавање театар. Се разбира и нејзиниот карактер. За да биде човек голем уметник пред се треба да биде добар човек. Со часови разговаравме на тема театар и некако многу лесно се разбиравме. И денес често соработуваме и тоа разбирање сеуште трае дури можеби и повеќе отколку во бракот   … Инаку, мислам дека не постои рецепт за совршен брак. Бракот е еден голем компромис. Истрајност и многу откажувања. Ако човек не е спремен на сите овие работи воопшто не треба да си припушти таков луксуз.

Приватна архива

Татко сте на две прекрасни ќерки, каков татко е Борче и како ги воспитувате Вашите ќерки? Имаат ли афинитети да наследат некоја од Вашите професии?

Златни се Дениција и Леона. Одговорноста да се воспита дете и да се истера на прав пат е животна улога на секој родител. Се трудиме ништо да не им недостасува. Опсипани се со љубов и внимание онолку колку што е потребно. Нашата цел е еден ден да станат вредни, чесни, луѓе.

Дениција има единаесет години и да, има афинитети кон уметност. Танцува, пее, глуми, слика, пишува… ништо од тоа не и е наметнато од нас. Леона е малечка, на свои четири години се обидува да разбере што всушност правиме сите по дома па пробува да не имитира 

Каде наоѓате бегство од секојдневието и обврските каде ги полните батериите?

Добра книга, добар филм/серија, добра храна/вино по можност надвор од градскиот метеж.

Приватна архива

Омилен автор и книга?

Покрај светските класици, деновиве го препрочитувам Венко Андоновски

Што ве прави среќен а што може да Ве извади од такт?

Јас сум голем емотивец. Малку ми е потребно за среќа. Не поднесувам неправда, лицемерие, лаги и интриги

Приватна архива

Што е потребно за еден актер да стекне слава?

Денес секој може да стане славен преку ноќ. Важно е што ја носи таа слава и по што те препознаваат и паметат. Инстант славата инстантно и згаснува. Важно е ако веќе си стекнал некаква почит во јавното живеење да најдеш модел како да ја одржиш истата.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Back to top button