Реклама
CelebrityИнтервју

Елена Ристеска: „Мажите се плашат од успешни жени“

Реклама

Интервју со Елена Ристеска

Нашата позната пејачка Елена Ристеска одвои малку време за женски муабети со Гламур магазин на теми поврзани со модата, убавината и негата, но и општо за животот, кариерата, љубовта и пријателствата…

Маркетинг

Пишувате текстови како за себе така и за други изведувачи. Песните носат силни емоции. Дали ви се случило некоја песна да ја чувате за себеси, па сте решиле да ја дадете на некој друг?

Имаше неколку такви песни, кои ги чував за себе, но авторот на композицијата ги даде на друг. Во некои случаеви во договор со мене, а во некои и воопшто без да знам. Кога се во прашање текстовите, можеби најубавите текстови ги имам дадено на други изведувачи, бидејќи не се штедам и не ги чувам себично текстовите и песните за мене.Зависи од фазата во која се наоѓам, така и се случува да ги напишам. Текстови кои ми се меѓу најдрагите, а се напишани за други изведувачи се: “Ех да можам да го вратам времето” која ја изведува Ламбе, “Црно бел свет” од Маја Саздановска, “Не ти давам” од Валери, “Ако ме сакаш” од Лина Пејовска..

Може ли да се изгради пријателство на естрадата?

Може и те како, особено доколку се работи за авторски тим со кој што соработуваш. Но, и меѓу пејачите постои пријателство. Јас секогаш велам, толку сме малку на естрадата, па уште и да постои ривалство меѓу нас. Јас имам неколку такви пријателства со колеги и колешки кои траат со години.

Маркетинг

Имате густа и бујна коса со која ретко експериментирате. Како ја одржуваате и постои ли некоја фризура која вам лично ви се допаѓа, но немате храброст да ја направите?

Многу сакам да ја обојам косата руса, и да ја носам машки кратка. Но, немам храброст за тоа. И секогаш велам можеби ќе ја направам таква косата за некој спот или концерт, на кратко, ама после некое време повторно да се вратам на стандардната фризура. Густата коса , да ги утешам оние со поретки коси, е навистина тешка за одржување. 2/3 саати ми се потребни за да ја средам сама, затоа сум зависник од фризерски третман, но за среќа го имам Даниел Николовски кој точно знае како да ја третира и одржува мојата специфична коса. Од друга страна пак, повеќето фризери кои ме средувале и во земјава и во странство велат дека е рај да се работи со коса како мојата, им претставува предизвик кога имаат пред себе бујна и коса со која може да се експериментира. А јас пак сонувам за потенка коса, да ја измијам и исушам за 15минути и да излезам надвор.

Работите на сопствена козметичка линија. Што се ќе содржи таа? И дали ќе биде достапна на нашиот пазар?

Секако , во мојата кариера се’ почнува овде во нашата земја, а потоа се шири на други пазари, говорам поконкретно за музиката, а воедно мислам и на козметиката. Козметиката ја гледам како бизнис сосема на страна од музичката кариера, освен делот со маркетингот.

Премногу посветено и сериозно навлегов во создавање на квалитетна козметичка линија што затоа и волку доцни нејзината промоција. На старт мислев дека е побрз процесот и дека ќе оди многу поглатко и лесно, но бидејќи бев со партнерска компанија, така и требаше да биде. Сега веќе сум сосема сама во бизнисот, и буквално од нула или од корен градам сопствен бренд кој го нареков ЕРА козметика. Она што е најважно е дека создавам козметика за мое сопствено користење,а кога веќе самата јас ја користам, зошто не би ја користеле и другите. Во однос на продажбата, ќе се продава онлајн, бидејќи јас така ја гледам иднината во начинот на продажба во Македонија. Со Господ напред, наскоро ќе бидете поканети на промоцијата на првиот продукт, парфемот. :)

На секој човек често му се случува да се разочара од својата околина и луѓето околу себе. Што е она што тебе може да те натер да се одалечиш од некого? И како се справуваш во моменти кога чуствуваш дека те обвзема некај тага?

Разочарувањата се полезен дел од животот.Тие постојат за да ги цениме оние луѓе и ситуации кои вредат. Фала му на Бога, тука ми е музиката и авторството, кои никогаш не ме разочарале, па секогаш моето бегство од реалноста го пронаоѓам во нив. Така гласи и мојата единствена тетоважа која е на италијански јазик “ Музиката никогаш не ме изневери” , воедно е знакот на бесконечност во поврзаност со буквата А, посветени на бесконечната љубов која ја имам за мојот починат татко Ацко.

Каков стил практикувавте во тинејџерските години? И која модна комбинација денеска не би сакале да се присетите?

Ах, има неколку комбинации кои и денеска посакувам да не ги облечев. На почетокот на кариерата неможеш ни на себе си да си замериш за промашувањата, бидејќи сеуште не знаеш што е добро на камера а што не е , што издолжува а што крати,што дебелее и што те прави послаб. Но, во понатамошната кариера, имаше ситуации, со разноразни креатори, кои не ти ја завршуваат креацијата до последен момент пред настап, толку безобразен потег што си ставен пред свршен чин, и немаш опција “Б” па мора да ја носиш ништожната комбинација. Или пак до последно не знаеш како ќе ти изгледа креацијата, што правиш модна грешка со штиклите, не си имал време да набавиш соодветни за истата.Сето тоа е резултат на отстуство на професијата “стилист” во Македонија кој има задача да мисли на целокупниот аутфит, сосе фризура и шминка.

Која е најинтересниот подарок кој си го добила од некој свој обожавател?

Моето куче Валери, е најубавиот подарок од мој најголем фан во тоа време, Ивана Балабанова. :)

Филм или серија? Кој ти е омилен/омилена и зошто?

Секогаш мојот избор е филм, бидејќи сериите ве прават зависни од нив, а јас не сакам да сум зависна од ништо, освен од љубов. Филмови кои ми се допаднале има многу, но, има еден проблем, не паметам наслови. :) Ама пак кога изборот би бил книга или филм, јас би го свела изборот на книга.

Колку често сама одиш да пазариш и дали ти приоѓаат луѓето кога ќе те препознаат?

Секако дека одам сама да пазарам, сепак најдобро знам сама што ми треба и која фирма или марка на производи ќе одберам. За мене дури и пазарењето е еден вид на ритуал и задоволство. А да, многу често се случува да ми пријдат фанови од секоја возраст, за мене тој дел од професијата е најубав. Доказ дека музиката која што ја правам допира до публиката.

Колку е тешко да се освои срцето на Елена? Мислите ли дека мажите потешко им приоѓаат на поуспешните жени?

Мажите не само што потешко приоѓаат, туку и се плашат од успешни жени. Сакаат жената да биде зависна од нив,а не целосно независна. Но, има и такви кои се прошетани и реализирани мажи, кои жената ја гледаат како свој партнер а не како потчинета, ја гледаат како дел од себе, како парчето што им недостасувало во нивната сложувалка наречена “живот”.

Е таквите се 1% можеби, ама сепак вреди да се чекаат во животот. Истото тоа “парче” од сложувалката им недостига на успешните жени. Со оглед на тоа што и мене само тоа парче, односно љубовта, ми недостига во животот, бидејќи се’ друго имам, не е толку тешко да се освои моето срце. Се’ што имам сама сум го создала и заработила, не ми требаат материјални работи кај партнерот, ми треба онаа хемија која ретко постои меѓу двајца. А ако веќе станува збор за создавање на материјалните добра во една врска или брак, нели се’ е послатко ако заедно растете и создавате, воедно и се поддржувате во професиите? Со други зборови поцврсто ја штитите империјата што заеднички сте ја создале.

Подготви: Берта Мартиноска

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Back to top button