Експертите од СЗО ги мачи ова: Вистинската природа на ковид-19 и натаму им е мистерија
Светската здравствена организација (СЗО) и натаму не располага со целосни податоци за потеклото на коронавирус и не знае дали тој настанал по природен пат или не, изјави денеска регионалниот директор на СЗО за Европа Ханс Хенри Клуге и порача дека истражувањата продолжуваат.
Клуге во интервју за руската агенција рече дека со тоа прашање се занимаваат кинеските научници, а дека СЗО е повикана да учествува.
– Тоа сепак е во тек, и тоа нешто секако ни е важно да го дознаеме. Но, не можам да кажам ништо повеќе зошто тоа е во тек и не сакам да го загрозам тој многу важен процес. Најважно е дека ние сме дел од тоа, рече Клуге.
Говорејќи за можностите за избивање на нова пандемијата, Клуге рече дека само прашање на време е кога до тоа ќе дојде.
– Зошто и оваа ја предвидовме и пак не затекна неподготвени, наведе Клуге.
Тој оцени дека од целата оваа ситуација може да се извлече порака дека не е прашање дали ќе има нова пандемија, туку како светот ќе биде подготвен за неа.