Еве кои места во Македонија би можеле да бидат ставени први во карантин заради коронавирусот
И што би значило тоа за граѓаните?
Во Македонија нема нови случаи на заразени со корона вирус, а од деветтемина кои се на инфективното одделение на тројца повозрасни заразени лица им е влошена здравствената состојба. Кај нив има отежнато дишење, но засега нема потреба од приклучување на апарати за дишење. Сите тројца се на возраст над 60 возраст, изјави вчера на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Италијанските власти најпрво одлучија да ја претворат во карантин целата покраина Ломбардија и уште 4 централни и северни области заради ефикасна борба со корона вирусот, а потоа на 10 март, премиерот Џузепе Конте објави дека целата земја е во црвена зона. Ова следуваше само неколку дена откако беа воведени драстичните мерки на северот од земјата каде има најмногу заразени, властите во нашата земја размислуваат да се воведе слични мерки, односно карантин во општините Дебар и Центар Жупа.
Ова го објави Владата, по локалната трансмисија со ширењето на коронавирусот на територијата на овие две општини.
На 7 март на Инфективната клиника во Скопје беа хоспитализирани сопружници од Дебар, позитивни на коронавирус на возраст од 62 и 68 години, кои во земјава дошле од Бреша, Италија на 27 февруари. На 9 март беше објавено дека уште тројца членови на нивното семејство се позитивни на коронавирус, а на 11 март позитивни беа тестовите на нивните соседи кои живееле во куќи лепенки. Во домашна изолација се сите сопатници на сопружниците од автобусот, кој оставил патници и во Куманово и во Скопје, пренесе порталот Вечер.
„Се задолжува Министерството за здравство, во соработка со центрите за јавно здравје, да преземе дополнителни мерки за заштита од ширење на овој вирус, односно да се мобилизираат медицинските екипи со епидемиолог од Охрид и еден инфектолог или доктор (или инфектологот кој е во работен однос во бањите Цапа да се стави во служба и за потребите на центрите за јавно здравје). За овие мерки да се достави извештај до крајот на денешниот ден, со цел Министерството за здравство да објави превентивно соопштение на територијата на општините Дебар и Центар Жупа, за можноста од воведување на карантин“, стои во одлуката по вчерашната владина седница.
Набргу откако оваа вест се појави, дебарскиот градоначалник Хекуран Дука на денешната средба со новинарите ги демантираше информациите на одредени портали и други медиуми дека Дебар е во карантин. „Ги замолувам сите медиум да не шират дезинформации со што предизвикуваат непотребна паника не асмо во градот, туку и пошироко. Досега во Дебар не е воведен карантин. Во градот имаме потврдени пет случаи со корона вирус, за десет се чекаат резултатите од тестирањето, додека 31 лице се во домашна изолација“, изјави градоначалникот Дука.
Правејќи ретроспектива на преземените мерки и актвиности, тој информираше дека е формиран Оператвен штаб, во кој се претставници на сите надлежни институции. „Синоќа почнавме со дезнифекција на населбите во градот. Почнавме од населбата ‘Коњаре’ каде е жариштето на вирусот. Вечерва и следните денови ќе се продолжи и во другите населби и населени места. Јавното комунално претпријатие ‘Стандрад’ веќе неколку дена врши миење на улиците во вечерните часови, а денеска врши дезинфекција на сите јавни и прометни површини, контејнери, канти и корпи за отпад низ градот, како и спортските игралишта и терени, нагласи Дука.
Преземените активности од страна на општината ги оцени како максимални и се заблагодари до сите сопстевници на кафулиља, фризерски салони, интернет и други кои целосно прекинале со работа. Се заблагодари и на верниците во Дебар кои ја почитуваат препораката на дебарското муфтиството и молитвите ги вршат дома. „Апелирам до сите строго да ги почитуваат препораките, бидејќи најпрво треба да си помогнеме самите себеси со тоа што ќе избегнуваме групни собирања, домашни посети и слично. Препорачувам затворање на сите деловни објкети, освен маркетите за храна и аптеките“, посочи Дука кој по професија е доктор.
Информраше дека планира средба со градоначалниците на Центар Жупа, каде има двајца заразени и 11 во домашна изолација, и на општина Маврово и Ростуше, со цел да се координираат активностите како соседи, но и поради фактот што во трите општини по појавата на коронавирусот во Италја пристигнати се поголем број граѓани.
Инаку, по воведувањето на црвената зона во Италија, Италијанците смеат да одат само на работа, од здравствени причини и во итни случаи. Тие ги затворија и рестораните и кафулињата по 18 часот, а слична мерка донесе и министерот за здравство Венко Филипче.