Еве како документарецот од Македонија влезе во историјата на светската кинематографија

Медена земја и 92. доделување на оскарите

Принтскрин

Документарниот филм што го следи животот на Атиџе, скромната пчеларка од источниот дел на Македонија, номиниран е за најдобар документарец и најдобар странски долгометражен филм на 92. доделување на Оскарите. Со овие две номинации „Медена земја“ влегува во историјата на светската кинематографија како прво остварување кое ги има добиено овие две номинации.

Во филмот главната хероина Атиџе е пчеларка која живее со својата стара и тешко болна мајка во едно зафрлено село во Овче Поле, Бекирлија. Тие живеат во потполна изолација, далеку од цивилизацијата, а нејзиниот однос кон пчелите е универзален и ја враќа рамнотежата меѓу човекот и природата, што ја преставува и главната порака во филмот.

Како што вели продуцентот и монтажерот Атанас Георгиев, за порталот на „БиБиСи“ на српски, главната идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата, но и како се нарушува рамнотежата во природата заради начинот на кој се користат природните ресурси.

Фејсбук

Медена земја го режираа Тамара Котевска и Љубомир Стефанов кои го следеа животот на Атиџе Муратова, жената која живее во склад со природата и која на посебен начин ја покажа моќта, но и силата на обичниот човек.

Нејзината порака половина од медот да се земе, а половина да се остави за пчелите е универзална порака како треба да се однесуваме кон природата, доколку не сакаме да бидеме казнети од неа. „Во спротивно можеме да стигнеме до амбисот, за да ја научиме лекцијата“, вели Георгиев.

Принтскрин

Инаку, режисерите сосем случајно ќе ја сретнат Атиџе и ќе решат да снимаат документарец за нејзиниот живот и пчелите. И дури откако го снимиле материјалот, воочиле дека имаат сериозно добар филм пред себе.

Но тие не се надевале дека ќе бидат номинирани за Оскарите, па дури и дека ќе влезат во светската кинематографија.

По самата номинација филмот едноставно експлодира на социјалните мрежи во Македонија. Атиџе преку ноќ стана хероина која ги освои срцата на сите, па постојано добива честитки од бројните фанови од цел свет.

„И како што не учеше Атиџе.. Два Оскара, еден да го земеме, а другиот да им го оставиме заради рамнотежа во универзумот“, напиша една корисничка на социјалните мрежи која очигледно беше воодушевена од документарецот.

И откако филмот освои три награди на филмскиот фестивал Санденс, основан од актерот и режисерот Роберт Редфорт, за него пишуваа најпознатите светски магазини- Гардијан, Њујорк тајмс и Венити фер.

На овој начин цел свет дозна за скромната Атиџе од Македонија, која луксузот го мери со бројот на залаците што ќе ги изеде. И да, таа можеби е последната жена во Европа што собира мед на природен начин, но и првата жена од Македонија, која поради својата голема љубов кон природата, стигна дури и до Оскарите и не научи како да се однесуваме ако сакаме да победиме.

Принтскрин

Музиката за филмот е на бендот „Фолтин“ кои и претходно соработувале со членовите на екипата која што стои зад генијалниот проект „Медена земја“.

(Visited 537 times, 1 visits today)