Еве зошто мајката се сомнева дека нејзината ќерка е киднапирана – Вања петти ден ја нема дома!
Случајот со исчезнатата Вања го крена на нозе целиот регион
Мајката на исчезнатата Вања Ѓорчевска (14) Зорица е во постојан контакт со полицијата и верува дека ќе ја најдат нејзината ќерка.
Вања исчезна во понеделникот, на патот кон училиштето, што ја вознемири целокупната македонска јавност, но и целиот регион.
Потрагата по малолетното девојче трае од понеделникот, а во неа се вклучени полицијата, семејството, но и бројни граѓани и другари од одделението кои споделуваат објави на социјалните мрежи, лепат плакати со нејзини фотографии и бараат било каква информација за тоа каде би можела да е Вања.
По барање на Министерството за внатрешни работи, Интерпол распиша и меѓународна жолта потерница за исчезнато лице, што значи дека сите полициски станици кои се дел од Интерпол ја добиле оваа информација, во случај Вања повеќе да не е во Македонија.
Мајката на Вања во разговор со медиумите откри дека Вања била добро расположена пред да замине од дома, дека немала никакви проблеми со малтретирање, дека семејните односи не се нарушени и дека немаат никакви непријатели. Мајката изрази благодарност за работата на полицијата и дека верува дека ќе успеат да ја најдат нејзината ќерка.
„Се сомневам дека е киднапирана. Вања насмеана излезе од дома, и дадов пари за појадок и замина на училиште. Наставничката ми јави дека не дошла на час, ние сме во постојана комуникација со неа, и кажав дека Вања не е болна“, изјави претходно мајката за српски Телеграф.
Како што вели таа, нејзината ќерка е деветто одделение и не излегува многу, има неколку пријатели и во главно е дома.
Сите профили на Вања на социјалните мрежи биле проверени, нејзината мајка ги има пасвордите, и не забележале ништо чудно.
„Вања не е такво девојче. Се сомневам дека е киднапирана, Господ нека ми прости ако грешам. Да знам дека избегала од дома и да имав проблеми со неа, сигурно не би кревала ваква паника“, изјави претходно мајката која преку социјалните мрежи испрати апел секој што има било каква информација во врска со нејзината ќерка, веднаш да ја контактира полицијата.
Потсетуваме, Вања исчезна во понеделникот, на 27 ноември, на патот кон нејзиното училиште „Пестолоци“.
Таа е висока 176 сантиметри, со кафена коса и кафени очи, со протеза на забите и бемка на десната страна на лицето.
Во моментот на исчезнувањето на себе носеше црни панталони со странични џебови, син дуксер, кратка црна зимска јакна, бели патики и школски ранец. Секоја информација за која што сметате дека може да биде корисна во потрагата по Вања, пријавете на телефонскиот број 112.