По налетот на силното невреме „Даниел“ драматична е состојбата во Кардичката рамнина, во Тесалија. Речиси сите села во округот Кардица се под вода поради обилните врнежи кои продолжија и во средата од утринските часови.
Во многу села во општина Паламас, луѓето се евакуираа на покривите од куќите или на повисоки места и бараат помош. Децата ги превезувале на гумени чамци по поплавените улици во селата. Состојбата во месноста Метаморфоси е потресна.
Побарана е интервенција од вооружените сили на грчката армија, а за евакуација на граѓаните се бараат и хеликоптери.
Откако бурата Даниел ја опустоши Грција, од понеделникот на социјалните мрежи кружат снимки од катастрофалните поплави во земјата. Започна лизгање на земјиштето, уништени се електричните столбови, а порои однесоа десетици автомобили.
Пред тоа на северот на Грција беснееја пожари во кои имаше и загинати.
На една од снимките од поплавите во Атина се гледа порој кој носи жена. Жената се обидува да се задржи за сообраќаен знак, а на помош и пришол случаен минувач кој ја спаси.
Метеоролошката служба на Грција објави дека земјата е погодена од најекстремните временски појави во однос на врнежите откако се води евиденција.
Во Грција, полицијата го затвори сообраќајот во централниот град Волос, блискиот планински регион Пелион и туристичкиот остров Скијатос, бидејќи рекордните дождови предизвикаа најмалку еден смртен случај, а автомобилите беа однесени од поплави.
Пожарникарите соопштија дека еден маж загинал во близина на Волос кога врз него паднал ѕид. Пет лица се водат како исчезнати, најверојатно однесени од поплавата.
Властите испратија предупредувања преку мобилни телефони до неколку други области во централна Грција, предупредувајќи ги луѓето да останат во своите домови.