Детството на Милена (16) и Милан (14) е без татко на село: Живеат сами со бабата и обработуваат 5 хектари земја, тие се вистински херои
На семејниот имот на Јефтовиќ во селото Теочин кај Горњи Милановац живеат двајца тинејџери, кои по многу работи се посебни. Милена (16) и Милан (14) останаа без татко кого го покоси опасна болест, а грижата за нив ја презеде бабата Љубинка која колку што може им ги заменува родителите.
Оваа жена изгубила двајца синови, едниот додека ја бранел Србија на Косово, но сепак во неа останаа сили за да се избори за внуците.
„Два погреби, две големи загуби. Мајката кога ќе ги погребе своите синови, за неа повеќе нема живот. Сепак поради Милена и Милан морам уште да се борам и да ги изведам на вистински пат“, изјави баба Љубинка за РИНА.
Соседите на овие две деца имаат само пофални зборови, бидејќи децата постојано работат и се однесуваат како големи. Тие од таткото наследија пет хектари земја, која ја гледаат и чуваат како светост, иако се уште не се полнолетни. Милан има 14 години и не мечтае за авиони и камиони, туку единствено за вадилка за компири.
„Сите работи на имотот веќе ги научив и ништо не ми паѓа тешко. Посадени се компири и пченка и она што е најважно, со добар квалитет се. Ќе продолжам таму каде што застана мојот татко и така како што тој ме научи“, вели ова вредно момче додека на грб го претовара сеното.
Неговата две години постара сестра задолжена е за домаќинството, но овие две години поголем дел од распустот го помина со малините. Таа е одлична ученичка на училиште, но и уште поспособна на нива и во селските работи. Во тоа и нема никој рамен.
„Не ми е тешко да одам за надница, за да им помогнам на моите. Кога јас би седела дома, тогаш тоа би го правела баба ми, а таа е стара за на горештинава да ги работи тие тешки работи. Преку лето може да се заработи некој дополнителен динар, зошто има повеќе овошје да се бере, а во зима е многу потешко“, вели Милена.
Семејството Јефтовиќ живее во надеж дека во нивната куќа, после сите сmртни случаи ќе им се врати среќата, зошто ова мало семејство само тоа и го заслужува.