Гаснењето на пожарот во скопски Чаир се одвива отежнато поради големата количина на чад и високата температура во подрумите во кои била складирана поголема количина на запаливи материјали, соопштија од ЦУК.
Дополнително како помош на скопските пожарникари ќе пристигне специјално противпожарно возило на Армијата.
За потсетување, досега над 40 лица, меѓу кои 12 деца побарале лекарска помош поради вдишување чад, а шест од нив се задржани на лекарска опсервација.
Министерството за внатрешни работа информира дека две лица денеска се лишени од слобода поради обид за кражба од зградата на улица „Серава“ во Скопје во која вчера настана пожар. По документирање на случајот, дополнуваат, ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Пожарот што избувна вчера во подрумски простории во зграда во скопската населба Чаир беше целосно изгаснат денеска. Како што соопшти Центарот за управување со кризи, состојбата со опожарениот дел на зградата и состојбата на становите во зградата допрва ќе се утврдува.
Дел од медиумите објавија дека се опожарени простории кои се користеле како магацински простор од страна на фирма во кој имало големо количество пластични производи.
Во меѓувреме, се очекува да започне увидот на Министерството за внатрешни работи.