Сé што треба да знаете за новото издание на Fashion & Lifestyle Expo
Интервју со Огнена Васиљевиќ, основачката и движечката сила во Моментум
Како вовед во единствениот Lifestyle настан во нашата околина кој ја слави уметноста, неконвенционалноста и убавината на живеењето разговаравме со Огнена Васиљевиќ основач и сопственик на Моментум Инк., организацијата што стои зад Fashion & Lifestyle Expo.
Што ќе ни донесе четвртото издание на Fashion & Lifestyle Expo?
Четвртото издание на F&L Expo ќе ни донесе многу инспиративна и креативна содржина, а најмногу музика, фотографија, литература, уметност, моден дизајн, архитектура и внатрешно уредување, козметика и разубавување, и многу други содржини наменети да ни го разиграат духот, да го оплеменат и разиграат нашето секојдневие.
Овој настан го организира Моментум Инк. Ќе ни кажете ли збор два за тимот и како дојде до организација на првиот ваков настан?
Тимот на Моментум е нашата најголема гордост :) Токму луѓето и нивните уникатни погледи на светот и животот се оние кои ги креираат, создаваат и оживуваат овие содржини. Ако се навраќаме наназад, првиот ваков настан беше инспириран од моите лични интереси за опфатените области, и желбата да се приреди едно несекојдневно, извадено од контекст, уникатно искуство кое ќе го прослави се она што го предизвикува секојдневието, обичното, здодевниот статус-кво; се она што додава вредност, што го разубавува и оплеменува секојдневието. Сепак, индивидуалната перспектива на нештата е секогаш посиромашна отколку кога истата е збогатена со перспективите и идеите на повеќе креативци, па така, настанот низ годините беше значајно збогатуван, оплеменет и ја попримаше својата форма, за денес да понудиме едно фантастично, богато, креативно, урбано издание со кое се гордееме, а од кое Софија, Марко и Емилија (суштинскиот тим на Моментум) се неизоставен дел и во кое оставиле и свој личен белег кој секогаш ќе биде таму.
Какви брендови ќе се претстават оваа година?
Оваа година имаме широк опсег на брендови, од автомобилската индустрија, модната индустрија (моден дизјан, модни додатоци, долна облека и тн.), внатрешното уредување и дизајн, фина козметика, храна и пијалаци и голем број на други области. Во програмскиот дел пак ќе бидат опфатени уште повеќе содржини и домашни и странски брендови, па ги охрабруваме читателите да ги следат и настаните и да присуствуваат на што повеќе од нив.
Кој настан сакате посебно да го издвоите и зошто?
Оваа година би го издвоиле Driven by Design натпреварот за млади модни дизајнери, спонзориран од Korea Auto Trade. Читателите може да ни се придружат на ексклузивната модна ревија на пред-отворањето, во среда во 19:00 часот. Настанот го издвојувам бидејќи иако идејата како и финансиската поддршка произлезе од КАТ, таа е олицетворение на сите наши вредности, и драго ми е што имаме ваков учесник и што успеавме да најдеме партнер во идејата да се поддржи и локалната заедница и да се направи импакт во општеството. Имено, Driven by Design е натпревар за млади модни дизајнери, каде им се дава фантастична шанса на младите дизајнери кај нас да се презентираат, претстават на домашната модна сцена. Петнаесетте финалисти од натпреварот своите модни дизајни ќе ги изложат во текот на трите дена на настанот, ќе ги претстават на ексклузивна модна ревија, и конечно како олицетворение на вистинската заложба да се вложи во креативноста, младите, и домашната модна сцена – првонаградениот дизајнер ќе добие парична награда од 1.000 евра, додека второ и трето наградените ќе добијат парична награда од 500 евра секој. Сметам дека ова и тоа како е поттик и мотив да се продолжи да се креира и твори, како и фантастична прилика за презентација и промоција на младите модни дизајнери.
Оваа година главна тема е #Градот Скопје – што претставува оваа тема за вас и што е она што го очекувате од другите?
Како девојка родена во Скопје, овој град е непресушна инспирација за мене, но верувам и за секој друг кој го живее неговото секојдневие, неговите скриени ќошиња, неговите изненадувања, неговите неекспонирани урбани креативци, неговите уметници, неговите доблести и маани. Очекуваме содржината да го истакне неговиот карактер, да го прослави неговото минато и иднина, и да им даде простор на оние кои го живеат градот да се изразат, да инспирираат и да бидат инспирирани.
Fashion & Lifestyle Expo меѓу другото се труди да ги промовира и младите, талентирани дизајнери и креативци. Колку се тие застапени во однос на минатата година и по што ќе се разликуваат од претходните?
Како и секоја година, оставаме простор за младите креативци и уметници. Оваа година дефинитивно ќе се разликува и ќе биде одбележана по Driven by Design натпреварот, додека дополнително оставаме простор и за млади фотографи како и ликовни уметници да ги презентираат своите дела кај нас.
Кој е најпознатиот бренд на овогодинешниот настан?
Па веројатно спонзорите на настанот – СКОПСКО SMOOTH ПО ТВОЕ – пијалак кој исто така ги отсликува сите вредности на настанот и соодветно се вклопува во оваа атмосфера, публика, посетители, како и Korea Auto Trade односно застапникот за Hyundai како бренд, кој апсолутно покажува сериозни вложувања во младите креативци и постојано работи на тоа да оствари придонес во заедницата.
Кога би ставила розови очила, како според вас би требало да изгледа македонската модна сцена?
Ох, па идеално :) Би имало доволно простор, но и пазар за веќе докажаните модни дизајнери, но и за младите модни дизајнери кои допрва почнуваат да творат. Повеќе би се носеле домашни модни дизајни, со што би се поттикнала и работата на дизајнерите, а на пазарот би постоеле и попристапни брендови, но и полуксузни брендови, односно можност за секој да се пронајде некаде и да носи домашен дизајнер.
Што треба да се случи за да дојдат подобри денови за нашите брендови и како тие полесно да се пробијат на странскиот пазар?
Да се зголеми домашниот пазар :) Или пак да се продре на регионалните пазари. Сметам дека нашето најголемо ограничување генерално, во многу области, е во тоа што имаме прилично ограничен пазар за понудување на нашите производи и услуги, па оттаму и отежнатите околности да се креира, произведе и понуди нешто квалитетно, кое скоро секогаш има многу висока цена на чинење, а ретко кога авторот може да ја наплати и цената на својот труд. Пробивањето на странските пазари дефинитивно е некој начин да се просперира, но секако, секој треба да го најде својот пат во тоа, соодветно да го процени и одбере соодветниот пазар, публика, и позиционирање за да доживее успех.
Кои се вашите очекувања од овој настан и дали ваквите настани помагаат во промоција на локалните брендови? Која е вашата крајна цел?
Настанот апсолутно придонесува кон промоција на локалните брендови. Токму на овој настан имаме голем број на примери на нови домашни брендови кои одбрале да го направат своето лансирање, промоција односно да го одбележат својот почеток токму на Fashion & Lifestyle Expo, а денес веќе претставуваат успешна приказна која одлично е позиционирана на пазарот. И реакциите од публиката се во голем број, и многу позитивни – некои од најчестите коментари се „Браво! Не знаевме дека и ова го има кај нас! Ова е домашно производство? Зарем и ова постои? Браво, колку креативни и успешни луѓе постојат кај нас!…“ Крајната цел е да се оплемени секојдневието на нашата јавност, да понудиме едно уникатно, незаборавно искуство на посетителите, да ги поврземе брендовите кои изложуваат со публиката која има интерес за вакви производи и услуги, да им дадеме платформа за презентација и настап, како и да им понудиме на посетителите содржини кои за нив се релевантни, интересни, и кои и во иднина ќе ги користат, односно да создадеме вредност за секој кој ќе дојде во контакт со Fashion & Lifestyle Expo.
Најавивте дека во вечерните часови МОБ ќе се претвори во вистински подиум – кои бендови и диџеи ќе настапуваат?
Да, вечерниот забавен дел е секако еден од најпосетуваните делови од настанот. Во среда и четврток од 20:00 до 23:00 часот ќе ни посака добредојде звукот на саксофон на Александра Илиева, ќе проследиме одлична модна ревија на Per Sempre, ќе уживаме во звуците на Андреј Мицајков, потоа имаме еден од најкреативните настапи – перформанс на уметникот Ковски, креативен моден перформанс на Мала Камила, и блуз дуото In The Mood, додека во петок од 17:30 до 20:00 ќе го затвориме настанот со Шот.мк и DJ Fici.
Кои се вашите следни планови?
Веќе сме во подготовки за два нови проекти концептуално и реализациски потпишани од Моментум Инк. Оставаме читателите да бидат изненадени од најавата кога настаните ќе бидат во својата завршна фаза, однсоно со комплетна програма и најава. Секако, активно течат и подготовките за настаните кои редовно ги организираме – После Часови, Health, Fitness & Wellness Expo, Men of the Year… Тука сме и за потребите на клиентите кои сакаат организирањето на нивните приватни и корпоративни настани да ги препуштат на агенција која стручно тоа го работи, па очекуваме годината да биде полна со ангажмани :)