Интервју

Го живеам најубавиот период од мојот живот, опкружен со голема љубов – искрено со новинарот Орце Гелевски

Горд сум што мислам дека дадов барем дел во афирмацијата и негувањето на македонската фолклорна материја- вели за Гламур новинарот и водител Орце Гелевски

Реклама
Реклама

Гламур интервју со новинарот и водител Орце Гелевски

40 години доследен  на  МРТ и изводени многу проекти и емисии како што е  престижната манифестација „Фолк хит на годината“ и „Фолк хит на деценијата“, популарните емисии „Иселенички џубокс“, „Плетенка“, „Патувај песно“ и моментално „Фолк џубокс“. Бил и  уметнички директор на „Тетовски фолк фест“, 15 – тина години уметнички директор на „Фолк фест Валандово“ и водител на многу јубилеи на наши познати фолк звезди. Ретко кој може да се пофали дека целиот работен стаж, вкупно 40 години ги поминал во една фирма и тоа многу значајна институција, како што е Македонската Радио Телевизија.

Особено сум горд на ова, како и на податокот што како Музички новинар и Уредник во Македонското радио и Македонската телевизија целиот работен стаж го посветив на една многу значајна материја а тоа е нашиот фолклор, нашата традиција, кои преставуваат наш белег, препознавање и опстојување – вели во интервуто за  Гламур новинарот и водител Орце Гелевски.

Маркетинг

Приватна архива

40 години сте во МРТ – посветен на народната музика, имавте голем придонес во негувањето, создавањето и афирмацијата на фолклорот и фолклорната традиција. Многу проекти и емисии: престижната манифестација „Фолк хит на годината“ и „Фолк хит на деценијата“, популарните емисии „Иселенички џубокс“, „Плетенка“, „Патувај песно“ и моментално „Фолк џубокс“, бевте уметнички директор на „Тетовски фолк фест“, 15 – тина години уметнички директор на „Фолк фест Валандово“, водител на јубилејни концерти на доајените на македонската песна – Александар Сариевски и Васка Илева и многу други емисии, проекти и концерти. Од оваа дистанца дали Орце е задоволен од сето ова и што за Вас претствуваше најголем предизвик?

Да, ретко кој може да се пофали дека целиот работен стаж, вкупно 40 години ги поминал во една фирма и тоа многу значајна институција, како што е Македонската Радио Телевизија.

Особено сум горд на ова, како и на податокот што како Музички новинар и Уредник во Македонското радио и Македонската телевизија целиот работен стаж го посветив на една многу значајна материја а тоа е нашиот фолклор, нашата традиција, кои преставуваат наш белег, препознавање и опстојување.

Маркетинг

Горд сум што мислам дека дадов барем дел во афирмацијата и негувањето на македонската фолклорна материја. Од друга страна воопшто не ни сонував дека ќе работам како музички новинар, затоа што по моето дипломирање на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје на инструментален отсек – дипломирав инструмент Виола, требаше да работам во Македонската филхармонија, но поради некои сплет на околности сосема случајно се вработив во Македонското радио – никогаш не зажалив околу тоа и навистина во овие 40 години постигнав и оставив зад себе прекрасни емисии и многу проекти кои се дел од Документацијата на МРТ.

Веднаш по моето вработување во македонското радио, добив една доста одговорна и интересна контактна емисија на брановите на Радио Скопје “ Неделен фолк хит “ која се реализираше секоја недела во живо.

Од оваа емисија подоцна произлезе и популарната манифестација „Фолк хит на годината “. Тоа беше на почетокот на 90-те години, златното време на новосоздадената македонска песна. Многу реализирани Радио емисии, многу месечни концерти низ сите градови во Македонија, огромен интерес и поддршка од љубителите на македонската песна, направивме голем успех со целиот тим од македонското радио, околу афирмацијата на новата македонска песна, со нашите прекрасни и квалитетни пејачи и автори. Низ сите тие години треба да ја истакнам и соработката со Т.А.Аурора и директорот Славе Сирачевски- голем љубител и поддржувач на македонската песна, кој беше соорганизатор на овој проект околу месечните концерти низ Македонија и на завршните концерти за „Фолк хит на годината“ во Скопје.

Прекрасни завршни концерти во Универзалната сал во Скопје, со преполни сали, со најуспешните фолк хитови во текот на годината, со најпопуларните пејачки ѕвезди, во придружба на два оркестри во живо – едниот на Фолк фест Валандово, а другиот – Народниот оркестар на МРТ.

Сето тоа беше крунисано со “ Фолк хит на деценијата “ и изборот на “ Бисер балкански “ со неповторливиот Гоце Николовски за Хит на деценијата.

Голем проект кој за мене ќе остане засекогаш во моите прекрасни впечатоци, затоа што бев еден од одговорните во организацијата и водител на сите концерти.

Покрај многуте емисии и проекти, секако дека засекогаш ќе останат и прекрасните спомени за соработката со доајените на македонската песна – Александар Сариевски, Васка Илиева, Петранка Костадинова, Пепи Бафтировски, Виолета Томовска и многу други, а особено на концертите кои ги водев на нашите легенди Васка Илева и Александар Сараевски.

Приватна архива

Од кого учевте на почетоците на Вашата кариера?

За среќа на самите почетоци имав и од кого да учам и околу новинарството, за водителството и околу фолклорната материја. Големи новинарски имиња беа дел од сите редакции – мораа да се исполнат високи стандарди за да се застане пред микрофон. Во музичките редакции големо знаење и искуство стекнав од познатите Етномузиколози – Душко Димитровски и Кирил Тодевски, од Музикологот и Уредник- Мако Коловски, од познати Музички новинари и уредници – Ѓоко Георгиев, Ванчо Димитров, Димитар Чемков. Соработка и големо искуство од доајенот Јонче Христовски, постојана соработка со Музичката продукција и оркестрите на МРТ – со Мате Грујовски, Благоја Десковски, Пеце Атанасовски, Ангеле Димовски, Милка Герасимова, Анастас Панајотов, Миодраг Божиновски, Љупчо Трајковски – Фис и многу, многу други.
Како плод на сето ова, на моето искуство во оваа работа од 1996 година ја извршував функцијата- Уметнички директор на Тетовскиот фолк фестивал, се до 2002 година – фестивал на кој земаа учество најпознатите пејачи и автори и од кој произлегоа голем број популарни и хитовски песни. А од 2003 до 2017 година бев и Уметнички директор на најпознатиот и најпрестижен фестивал на нови македонски песни Фолк фест Валандово, што за мене беше голема чест и одговорност. Успеавме да ја продолжиме традицијата на Валандовскиот фестивал, со доста квалитетни изданија, песни и хитови!

Приватна архива

Од неодамна имате нов концепт на емисијата „Фолк Џубокс“ и ги вклучивте и артистите од забавната музика. Која беше причината за ваква промена?

Во 2003 година преминав во Македонската телевизија и бев назначен за Уредник на редакцијата за Народна музика и веднаш поставивме многу успешен проект – „Иселенички џубокс “ во кој главна цел ни беше да ги доближиме нашите иселеници со родниот крај и се разбира сето тоа преку убавата македонска песна.

Следуваа емисиите „Плетенка “, „Патувај песно“, „Фолк џубокс“ – сите тие посветени на македонската песна, на нашите пејачи и пред се на нашата публика.

Во оваа нова сезона емисијата „Фолк џубокс “ има нова концепција и се реализира комплетно во живо, за таа цел дел од нашата емисија е и популарната група „Фортуна “, а покрај популарни народни пејачи учествуваат и пејачи од забавната сцена. Целта ни беше емисијата да ја освежиме со прекрасни стари антологиски забавни песни, а гости да бидат пејачи кои добро се вклопуваат и во народната музика и сето тоа реков комплетно во живо. Оваа концепција се потврди како многу успешна- имаме навистина одлични и многу позитивни реакции и критики.

Приватна архива

Што мислите за денешното водителство и новинарство за сите оние на кои што има се дава шанса, дали треба да има поголема селекција?

За жал во многу Радио и ТВ медиуми и во пишаните медиуми има вработено многу малку или воопшто нема музички новинари кои би ја воделе и креирале програмата, а да не зборуваме за музички новинари – критичари. Ова е многу важен сегмент затоа што воопшто во програмските шеми музиката е застапена со 60-70 проценти на емитување. И затоа таква ни е состојбата, што на Радио и ТВ програми можеме да слушнеме се и сешто, без контрола и квалитет, да снима секој во приватни студија и да се презентира без никаква контрола или квалитет.

Многу малку има нови, млади, квалитетни водителски или новинарски лица, кои посветено работат на изградба на свој – препознатлив лик, со исполнување на основните стандарди. Напротив, многу често, од желба преку ноќ да се стекне популарност, среќаваме на медиумите лица со говорна мана, со употреба на дијалекти во говорот, со неправилен и некоректен однос кон соговорниците. Во медиумите за жал веќе нема селекција, филтер или работа со помладите лица, што за време на моите почетоци во 90-тите и претходно беше неопходно. За жал моментално и во МРТ е таква состојбата.

Приватна архива

Голем љубител сте на фудбалот и спортот. Како млад активно игравте фудбал, Дали можеби сте имале дилеми тогаш да се посветите попрофесионално на спортот или зошто не се одлучивте да бидете спортски новинар?

Да се навратам кратко на моите средношколски и факултетски денови- моја голема спортска љубов ми беше фудбалот и нема да бидам нескромен ако кажам дека бев многу добар играч, иако тоа воопшто не се вклопуваше со изучувањето на мојот инструмент – виолината.

Приватна архива

Но желбата беше голема и играв активно во повеќе скопски клубови, но за жал од една хронична повреда на коленото не можев активно да продолжам. Но продолжив, еве и до ден денес рекреативно со многу мои пријатели и колеги од МРТ да уживаме во убавините на фудбалската магија. А околу спортското новинарство, имав на почетокот на мојата кариера некои обиди во Спортската редакција на Радио Скопје, но сепак останав доследен на работата како музички новинар.

После некои турбуленции во Вашиот живот, сега сте посветени на семејството на внуците, дали тие се Вашата најголема љубов?

Секој од нас во животот прави помали или поголеми грешки! Но во едно сон сосема сигурен – семејството е света работа и му благодарам на бога што сум повторно со својата фамилија.

Приватна архива

Нема ништо поубаво од својата фамилија, од своите деца, од своите внуци. Го живеам можеби најубавиот период од мојот живот, опкружен со голема љубов од моите најблиски. Од моите два сина имаме четири прекрасни внуци, кои се наше најголемо богатство. Постојано сме со нив, исполнети и ние со нивната радост, среќа, смеа – што преставува наше огромно задоволство.

Како и каде ги минувате слободните викенди и каде Орце ја регенерира енергијата?

Слободното време лично го поминувам со многу пријатели од музичкиот свет на кафе муабети, затоа што има многу теми и новини на музичката сцена за кои има и интересни разговори. А слободните викенди исполнети се повторно во кругот на семејството, со нашите прекрасни внуци а повремено и за одредени викенд патувања, затоа што во Македонија има прекрасни места каде што може да се ужива.

Приватна архива

Чита ли Орце книги и кој жанр на книги и автор Ви е омилен?

Искрено порано како да имав повеќе време и можност да прочитам некоја книга. Во моментов читам една многу интересна книга од мојата музичка област, за познатиот композитор Волфганг Амадеус Моцарт – насловот е “ Заговорот Моцарт “ од писателот Скот Маријани.

Книга со многу интересна тема која спаѓа во Драма со реал- криминалистички жанр.

Што би била Вашата порака до идните и сегашните млади водители/ водителки која е тајната да се биде успешен во оваа професија?

На младите можам да им дадам една порака. Постепено и посветено да работат на својот препознатлив имиџ и лик. Преку ноќ и набрзина ништо не се стекнува. Да го чуваат и негуваат македонскиот јазик и во својата работа да се стремат кон високи професионални дострели !

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Back to top button