Во Македонија многу дилеми за образованието: Кој дозволува, а кој не физичко присуство во училиштата?
Многу родители се збунети, добиваат различни информации, наставниците кажуваат едно, во медиумите друго се пишува. Извесно е само дека во октомври со физичко присуство настава ќе имаат учениците од прво до трето одделение. Останатите ќе имаат онлајн, комбинирана со физичко присуство на испрашувањето, доколку во меѓувреме не се донесе нова конкретна одлука.
Министерката за образование Мила Царовска во интервју за Факултети.мк рече дека комбинираниот модел за онлајн настава и настава со физичко присуство е флексибилен и ќе се менува во зависност од состојбата со ковид-19.
„Тој може и ќе се менува во зависност од епидемиолошката состојба, препораките на надлежните институции, но особено важно, и од контролата и квалитетот на образовниот процес. Сосема ми е јасно дека не постои идеален модел по желба на сите, ниту пак едно унифицирано решение. Токму затоа, во сите држави во регионот и во Европа решенијата се национални, а не универзални. Во многу поразвиени држави, ги следиме предностите, проблемите и корекциите. За да креираме и спроведуваме најдобро можно решение и модел. Јас немам законски ингеренции во релација со јавното здравје, но имам и целосно ги разбирам и ги прифаќам моите обврски за системот и квалитетот на образовниот систем“, вели министерката.
Министерката потенцираше дека не смее да се дозволи „црно-бела слика и исклучиви позиции во кои ќе се одлучува за избор: или здравје или образование на децата“.
„Тоа не е добро. Работиме да овозможиме и заштита на здравјето и солидно, ефикасно, ефективно образование. Во оваа ситуација не сме затоа што сакаме, туку затоа што мораме да понудиме најсоодветна солуција, а тоа е комбинираниот модел, вели Царовска.
Таа уверува дека МОН работи на обуки, техники, обезбедување опрема и контрола на образовниот процес.
„Планот за започнување на учебната година предвидува практичниот дел од наставата во средните стручни училишта да се изведува со физичко присуство. Годинава, за разлика од лани, сите ученици што ќе следат онлајн-настава ќе се оценуваат, односно знаењето ќе им се проверува со физичко присуство во училиштата, за што ќе се изработат посебни протоколи. Тоа е значајно за сите, без исклучок. Во објективноста и одговорноста во образованието не смее да има исклучок и времен компромис“, вели Царовска.
Ден претходно Министерот за здравство, Венко Филипче во интервју за Радио Слободна Европа вели дека скопските училишта нема да добијат дозвола за настава во живо за повисоките одделенија.
„Доколку училиштето е во Скопје и сака да направи исклучок и аплицира дозвола да бидат физички присутни и учениците од четврто и петто одделение од почетокот на октомври, ние нема да го дозволиме тоа“, вели министерот.
-Децата од прво до трето можат да бидат физички присутни во училиштата заради тоа што во празни училишта има повеќе простор тие да се распределат, да се намалат контактите меѓу нив, да почнат со часовите во различно време, да не се сретнуваат на влез, во ходниците, на излез на крај на часовите, и исклучок во училишта ширум државата кадешто има мал број на ученици во класовите, мал број на класови во училиштата, според проценката на Комисијата која е формирана од членови на МОН, Министерството за здравство и Канцеларијата на претседателот на владата, рече министерот за здравство Венко Филипче за Радио Слободна Европа.
Денеска пак градоначалникот на Скопје Петре Шилегов заедно со неговиот тим одржа состанок со директорите на сите 23 средни училишта на градот на кој се дискутираше за мерките што треба да се преземат во време на коранавирусот за да се обезбедат технички услови за непречено одвивање на онлајн настава која треба да започне на 1 октомври.
Директорите на средните училишта, посочуваат од Градот, го информираа градоначалникот Шилегов како течат подготовките за почетокот на новата учебна година, а дел од нив и за проблемите со коишто се соочуваат како нестабилен интернет и мрежа, недостиг на компјутери и друга информатичка опрема.
– Во најкраток можен рок треба да проверите со какви капацитети располагате, односно човечки ресурси за да ви ја одржуваат мрежата и какви ви се интернет мрежите. Ви препорачувам да си помогнете со размена на обучен кадар, се со цел да обезбедиме квалитетна онлајн настава. Исто така, сметам дека треба да се подготвите за сите три можни сценарија, односно за онлајн настава, настава со физичко присуство и комбинирана настава, рече Шилегов на состанокот со директорите на СУГС.
Тој додаде и дека работат со луѓето од Министерството за образование и наука, но во овие нови услови на живеење, како што рече, не може да се најде совршено решение и дека сите треба да се обидат решенијата да ги бараат во од за да се заштити здравјето на децата.
И оваа дискусија не донесе конкретно решение за учениците освен заклучок дека ќе има уште една средба пред почетокот на учебната година.
Во исчекување на почетокот на новата учебна година одложен поради пандемијата од коронавирус, македонските ученици беа дел од истражување за правата на децата на Првата детска амбасада Меѓаши.
Во истражувањето се наведува дека 69,74 отсто од децата сметаат дека припаѓаат во училиштето, односно дека се почитувани од страна на учениците (66,35 отсто), професорите и другите лица кои работат во училиштето (62,97 отсто) и би се обратиле на наставник/професор или друг возрасен доколку не се чувствуваат безбедно (74,62 отсто).
Значаен дел од децата пак (60,62 отсто), сметаат дека не се посветува доволно внимание на одржување на хигиената во училиштето, вклучително и на хигиената во тоалетите, поради што некои од децата избегнуваат да ги користат (68,23 отсто).
Само 28,67 отсто од учениците истакнуваат дека во училиштата има рампа за качување со количка, додека 19,50 отсто дека има асистент кој им помага на децата со попреченост завреме на часовите, се вели во истражувањето.
Без разлика кога и да почне училишната година, учениците во Македонија ќе се соочат со старите проблеми ако во меѓувреме се одлучи да се држи целосно настава со физичко присуство.
Проблемот со дискриминацијата на училиште ќе остане ист, а нехигиената ќе продолжи да се провлекува иако се бориме да ја победиме пандемијата од коронавирус пред се со редовно миење на рацете.
Во секој случај маските остануваат задолжителени и во образовните институции, кои заедно со почитувањето на физичката дистанца и хигиената се основни правила за заштита од коронавирусот.
Денеска бројките во Македонија покажуваат во последните 24 часа се направени 484 тестирања, а регистрирани се 37 нови случаи на ковид-19 во: Скопје-9, Дебар-1, Прилеп-5, Тетово-3, Гостивар-1, Гевгелија-12 (странски државјани), Струмица-1, Радовиш-1, Кочани-1, Пробиштип-1, Делчево-1, Кратово-1.
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 251 оздравен пациент, а во болнички услови nочинаа 6 пациенти.