Во земјотресот ја изгуби ќерката, а пред неколку години и сопругот – од преголемата болка и нејзиното срце престана да чука
Една мајка од Албанија во земјотресот ја изгуби ќерката, а пред само неколку години и сопругот
Од Албанија по земјотресот кој во вторникот најмногу го погоди Драч се уште пристигнуваат тажни приказни.
Прво стигна веста за двајцата браќа Иса и Шемси Абази од Косово кои беа меѓу првите идентификувани жртви. Тие беа пронајдени од спасителите во рушевините што останаа од хотелот Тропикал во овој град.
Нов тажен наслов вчера се појави во тамошните медиуми – „Во 2015 година остана без сопругот, а вчера ја изгуби ќерката во земјотресот, за да на крај и нејзиното срце престане од преголемата болка“.
Во прашање е трагедијата на семејството Каранха. Диена Мецај Каранха ја изгуби прво 8-годишната ќерка Есиела, која доживеа тешки повреди во рушевините од станбената зграда во која што живееле.
Тие беа пронајдени во рушевините на шестокатница во Драч.
Веднаш биле префрлени во болница, но по два часа пристигна информација дека нејзината ќерка не успеала да преживее.
Албанскиот портал „ДуресЛајм“ пишува дека и Диена го изгубила животот неколку часа откако дознала за тажната судбина на своето девојче. „Набргу и мајката замина откако престана да и работи срцето од преголемата болка за нејзината ќерка“, пишува овој портал.
Инаку, Диена пред само четири години доживеа голема семејна трагедија. Имено, во 2015 остана без својот сопруг, а земјотресот и ја одзеде и ќерката за да на крај и таа самата им се придружи на оној свет.