Ангела Рајчевска: Девојката која суди фудбалски натпревари

Девојката која докажа и покажа дека може да се носи рамо до рамо со машките судии. Ангела Рајчевска од Скопје е дипломиран новинар и иден магисер по медиуми и комуникаии. Фудбалот и истражувачкото новинарство се нејзина окупција. Често пати може да ја сртнеме на фудбалските натпревари како дели правда.

Како се роди љубовта кон фудбалот?

Љубовта за фудбалот се роди од мали нозе. Израснав на терен, љубопитно следејќи го секој натпревар на татко ми и впивајќи ја магијата на играта, за потоа и сама да започнам да ја играм.  Најпрво рекреативно, а потоа професионално. Започнав од игралиштето во моето маало, потоа играв за средното училиште во кое што учев, „Никола Карев“, за на крајот да станам дел од ЖФК „Респект“ и потоа ЖФК „Единство“.

Жена фудбалски судија, што претставува тоа за тебе?

Жена фудбалски судија за мене претставува еден непоколеблив лик кој што си ја работи работата што ја сака,  рамноправно како и сите останати. Жена фудбалски судија претставува многу работа на себе, посветеност и жртва, сето ова проследено со огромна себе-реализација и уживање.

ADVERTISEMENT

Како се станува судија, какви обуки треба да се поминат?

Јас сметам дека најважната состојка за да станеш судија е да ја сакаш играта што живот значи. Формалната процедура е составена од полагање на тестови за привремена категорија која по стекнување на одредено искуство преминува во постојана. Откако ќе се стекнеш со основните категории, следуваат тестови за познавање на правилата на фудбалска игра за втора и прва категорија. Најупорните и најдобрите стигнуваат до ФИФА лиценца која што им овозможува судење на меѓународни натпревари.Сите овие категории се добиваат со многу работа, посветеност, учење, тренинг и натпревари.

Колку мажите прифаќаат жена да суди еден натпревар?

Порано, стереотипите за жените и фудбалот беа посилни а негодувањата за жена да дели правда на еден натпревар почести. Морам да признам дека сега сето тоа е намалено, скоро и го нема. Мажите прифаќаат жена да суди еден натпревар затоа што се соочени со фактот дека сме рамноправни.

Кој е вашиот натпревар од соништата што би сакале да го судите?

Како што минува времето, секој нареден натпревар ми е всушнот реализација на некој мој замислен натпревар од соништата. Но, ете, нешто навистина далекусежно и неостварливо би било натпревар на стадионот „Олд Трафорд“ во Манчестер, Англија.

Кои се вашите сегашни ангажмани?

Моите сегашни ангажмани, покрај фудбалот, се мојата работа како истражувачки новинар во Центарот за истражувачко новинарство СКУП, спортски уредник во Студент ФМ 92.9. и младински работник во „Волонтерски центар„- Скопје.  Исто така, во моментов сум ангажирана и со пишувањето на мојата магистерска теза на отсек Медиуми и комуникации на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

 

Facebook Comments