Реклама
ИнтервјуКафе муабет

Александра Јаневска за животот во Америка: Големи редици за храна, често рафтовите се празни

Реклама

Кумановката Александра Јаневска живее во Окланд, во непосредна близина на Сан Франциско, Калифорнија. Во последните пет години работи во автомобилската индустрија, поточно во фабриката за електрични автомобили „Тесла Моторс“. По професија е Специјалист за Здравје и безбедност на работниците и, како што вели, максимално ужива во својата работа.

Оваа Македонка дефинитивно го живее американскиот сон, но последните недели како и многумина на земјината топка, живее во неизвесност и со исчекување за подобро утре. Јаневска специјално за порталот „Гламур“ раскажува како овие денови се живее во САД и како воопшто една од најмоќните земји во светот се справува со коронавирусот.

Бројките се менуваат постојано (во моментов кога го правиме интервјуто во САД има 26.747 потврдени случаи од кои што 1.410 се од Калифорнија, а 76 во Сан Франциско). Кажете ни од прва рака, каква е ситуацијата таму? Дали граѓаните ги почитуваат мерките?

– Калифорнија е првата држава во САД каде што се воведе забрана за излегување од дома, освен за најнеопходни причини (аптека, супермаркет, болница). Ситуацијата тука е навистина напната, неизвесна, и нови случаи на заболени од Ковид-19 секојдневно се зголемуваат. Општото чувство на страв и паника се чувствува на ниво на градот, околните општини и на државно ниво.

Маркетинг

Вработена сте во сериозна компанија (Тесла моторс) и Вие сѐ уште одите на работа. Конкретно, што функционира, а што не овие денови во Сан Франциско?

– Големите гиганти како „Фејсбук“, „Гугл“, „Твитер“ и „Оракл“ се комплетно трансформирани и сите вработени работат исклучително онлајн од своите домови. Компанијата кадешто јас работам ќе биде затворена од утре до неодреден датум.

Кој оди на работа, а кој работи од дома?

– Ресторани, кафулиња и сите трговски центри се затворени по наредба на Гувернерот Гавин Њусон, но дозволено е да се нарача храна за носење (сѐ уште). Поголемиот број на ресторани се потполно затворени, а со тоа и илјадници луѓе останати без работа, како што се случува насекаде во светот во моменталната пандемска состојба.

Маркетинг

Супермаркети, аптеки, банки, бензиски пумпи и болници/медицински центри и јавен транспорт работат со полна пареа, со големи редици, гужва пред касите и честопати празни рафтови.

Што е со учениците и студентите? Сега и ним целиот живот им е превртен наопаку. Се навикнаа ли тие на новиот начин на едуцирање?

– Пред 2 недели, сите основни и средни училишта укинаа секаква настава во училница до крајот на годината. Сите деца се дома со родителите и сите домашни задачи се зададени ексклузивно преку интернет, преку разни виртуални портали, зависно од училишниот избор и возраст на уцениците.

Промените се случија многу брзо, дури преку ноќ и одеднаш сите деца и сите родители како и сите учители/учителки мораа да станат експерти за компјутерска настава и да ја прилагодат програмата за рекордно време. Неверојатно темпо за сите, како за децата, така и за родителите. Градинки, забавишта, сосема сѐ е распуштено до септември годинава, по најновите информации. Истото важи на универзитетите – нема да има повеќе предавања во живо, туку само виртуално.
Всушност, грижата за деца и нивното образование е еден од најголемите проблеми на родителите во овој тежок период: како да се продолжи со работа во истата просторија каде што децата играат, учат и се забавуваат.

Владата на САД соопшти дека пандемијата од коронавирусот би можела да трае до 18 месеци и подолго и да има неколку бранови на разболување. Кои се прогнозите на тамошните епидемиолози?

– Председателот на САД, Доналд Трамп, локални политичари како и и Гувернерот Гавин Њусон, сите повикуваат на самоизолација. Секојдневно по неколку пати на ден се емитуваат посебни програми за коронавирусот и многупати се нагласува потребата и ургентноста сите да останат дома.

Дека светот е поврзан како никогаш порано, доволно зборува брзината со која коронавирусот се прошири на различни континенти. Каква е Вашата перцепција за она со што во моментов се соочуваме сите, ние овде, а вие таму далеку од родната земја?

– Секако дека секојдневно мислам на моите најмили во Куманово, моите родители, сестрите, внуцињата, блиски пријатели и роднини. Будно ја следам ситуацијата со проширување на вирусот и од срце му се заблагодарувам на целиот медицински персонал во сите болници низ цела Македонија кои неуморно работат да им помогнат на сите болни или загрозени пациенти. Тие жртвуваат најмногу, оставаат и срце и душа да можат да се грижат за нас. Да останеме сите дома заради нив и заради сите најмили.

Како Вам лично Ви поминуваат овие денови кога светот живее во една голема неизвесност?

– Од лична перспектива, пандемијата со коронавирус има влијаено во секоја сфера на нашиот живот. Нашето бебе од 7 месеци, Анастасија, ги нема видено баба и дедо кои живеат во непосредна близина (кои се во карантин, како ранлива категорија поради возраста)скоро 2 недели, ниту пак никој друг човек освен родителите. Никој не смее да оди на гости, ниту е препорачано некакво дружење. Ситуацијата е сериозна и соседите, пријателите и колегите многу сериозно ја доживуваат. Луѓето носат маски и на улица и на работа, често носат и ракавици и избегнуваат близина помала од 2 метри. Мора да останеме дома, за доброто на сите нас.

(И.С.Б.)

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button