Отворено писмо до Илија Димовски: „За која и за каква служба работите вие, господине Димовски?
Постои едно непишано правило во животот кое вели дека човекот што еднаш ќе те заебе ќе те заебе пак, па ако треба и пак и пак и пак… И тоа ќе продолжи така, се додека не се освестиш и не престанеш наивно да му веруваш и да дозволуваш да ти го прави тоа постојано.
И од ова нема бегање…
Токму затоа што знам дека господинот што до вчера беше на чело во пропагандната машинерија на партијата која не доведе до ова дереџе, сака да труби во свое име како патриот, а во принцип вистинските патриоти никогаш не се фалат со својот патриотизам, ниту пак се удираат во гради дека тие се вистинските патриоти (замислете го на пример Кочо Рацин, сограѓанинот на братот Илија, да пишуваше текстови со кои ќе го делeше сопствениот народ!). Toкму затоа ќе си дадам за право да речам дека господинот НЕ е човек на кој треба да му се верува! А бидејќи не ми е јасно зошто господинот Димовски го прави тоа, и дали всушност тој е човекот кој соработува со тајните служби (или некоја друга пара-институција која функционира како корпорација која се грижи само за своите интереси, а НЕ за народот!), би кажал дека неговиот воведен дел од текстот во Дневник е сосема на вистинското место.
„Разбирам да си член или симпатизер на партија, но да поддржуваш човек за кого е совршено јасно дека соработувал со туѓи разузнавачки служби никогаш нема да разберам, а уште помалку да прифатам.“
Да, јас НЕ сум член ниту симпатизер на некоја партија иако, ако подразмислам подобро, токму неговата партија е онаа која што ја поддржувам, но и за која веќе со години трубам дека мора да си го исчисти сопствениот двор. И тоа не го правам од патриотски причини, туку затоа што сум убеден дека така треба! Секако, на избори отсекогаш сум го давал гласот за оние за кои што сум убеден дека ќе направат најдобро за државата во која што живеам (за волја на вистината, на последните локални избори, за градоначалник гласав за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, но не поради партијата, туку затоа што бев убеден дека, во градот каде што гласам, нивниот кандидат како човек е подобар од конкуренцијата – инаку за партија гласав за ВМРО, но за жал НЕ за ова на која од врвот на крстот на Водно, па дури и од новите кули во Аеродром и се гледаат валканите алишта!). Но проблемот не е во тоа дали сте симпатизер или член на некоја партија, и поради тие врски слепо поддржувате дадена опција (иако како што веќе објаснив, тоа и НЕ функционира баш така, бидејќи во Македонија живеат свесни граѓани, но, за жал и голем број исплашени и уценети!) туку во неговата фраза „совршено јасно“ која сака да ја протне како вистина за народот. (иако и она „туѓа служба“ е дискутабилно, бидејќи може да се случи, поради х причини, службата да биде злоупотребена и да биде туѓа, односно да НЕ работи за нашите интереси! )
Па, господин Димовски, совршено јасно е дека господинот Зајко има снимени разговори од нечии дубари, и совршено е јасно дека сега му ја местите соработката со странските служби како основа во санирање на штетите што ќе ги предизвикаат неговите бомби, но она што НЕ е совршено јасно е тоа за кој всушност ВИЕ работите? За себе, за странска служба или за нечии интереси кои не спаѓаат во ниту еден од овие описи, иако можеби во реалноста функционираат како некоја таква институција. И да, ако тоа НЕ е совршено јасно, тоа не значи и дека НЕ е совршено јасно дека ова што го правите НЕ е добро за Македонија! Точка.
{youtube}C_wtq3LnEfk{/youtube}
„Разбирам да не ја поддржуваш или да не ја сакаш оваа владејачка структура, и тоа од повеќе причини, заради лично убедување, заради фамилијарна традиција, заради по твое видување погрешни политики, заради ако сакате и лични интереси, но никогаш нема да разберам да се поддржува човек кој е спремен да седне на маса со оние кои не само што не ја сакаат оваа власт, туку не ја сакаат и оваа држава и со нив заедно да крои стратегија.“
Што вели тој понатаму во неговиот текст? Па да, се држи до формулата – ние ќе го објавиме видеото со Заев, ќе го обвиниме дека соработува со странски тајни служби, ќе ја земеме неговата изјава дека понекогаш човекот витка кичма и ќе го обвиниме за на-ти го-дај-ми-го со туѓинците кои сакаат да не разнебитат, да го укардат нашиот идентитет и нас да не убедат дека сме измислени. Но, сериозен ли е човекот или навистина мисли дека во Македонија живеат само будали, или пак само квази-патриоти кои за една плата од 10.000 денари (која за две-три години секако ќе ја немаат, а може да ја нема ни државата доколку не тргнеме во вистинскиот правец) се подготвени и да газат врз живи луѓе во името на вождот?
„Патритизмот не е мит, треба да го живееме секој ден. Патриотизмот не е во приказните, туку е во денешницата. Ќе опстоиме ли такви какви што сме и ќе бидеме ли подобри? Имаме ли заеднички линии од кои никој нема да отстапи? Името, јазикот, идентитето, унитарноста на државата се точки од кои никој нема право да отстапи, да се пазари или да тргува. Нема прашања на кичми, тактики, политика или дипломатија. Јасно е како бел ден. И овој ден, и денот пред пет години, пред десет, дваесет и пеесет години. Ниту нашиот опстој е различен, ниту желбата на туѓинците е различна. Едноставно со некои од нив сме на различни страни веќе со векови, а и ќе бидеме така уште долго време. Пазар со нив, нати го-дај ми го, договори, средби и слични глупости се грев и срам, не само за тој што ги прави, туку и за тие што прифаќаат и толерираат.“
Кој е овдека лудиот, а кој збунетиот? Па и оние што го запалија кутриот јордански пилот доколку ги прашаш истото ќе ти го кажат, односно дека тоа го прават од „патриотизам“, додека во реалноста тие се само свирепи убијци, без трошка мозок и задоени само со омраза. Впрочем такви беа и оние што во бившата Југославија дозволувале да се стрелаат граѓаните (без разлика дали станува збор за Албанци, Босанци, Срби или Хрвати!) поради стравот дека истите тие граѓани (кои завршија во масовни гробници и за многумина од нив и ден денес не се знае каде се закопани, а оние што ги направиле злосторства и ден денес се кријат во институциите на системот, што е преседан од светски размери!) бидејќи би можеле да бидат потенцијални непријатели, односно би можеле да земат пушка во рака и да станат истото она што се и тие, војници кои гинат за својата држава! Каде е тука милоста? А човечноста? Зошто сите тие се однесуваа како кучиња на војната, а не како обични војници или совесни граѓани? Зошто вие не водите кон такви сценарија, во кои можеме да зборуваме и за страв од граѓанска војна? Која е вашата цел? Зошто проектот Скопје 2014, по само десетина години од братоубиствената војна со Албанците? (Да, за мене и Албанците, и грците, и Србите, и Бугарите – сите би можело да ми бидат браќа и убаво да живееме, а Балканот да биде најубавото место на оваа планета!) И сега, зарем оние со деструктивен софтвер инсталиран во главите (наместо мозок) и со црвени фломастери во рацете треба да останат неказнети и да дозволиме да ни ја водат државата? И зарем сакате крвава граѓанска војна? Па Македонија е колевка на цивилизацијата, а не последната дупка на новиот светски поредок. Да, целата приказна со западниот свет започнала од овие простори, ние сме матрицата (тоа не се нашите демони, туку тоа сме ние самите и нивната празнина од која што се плашиме треба да ја исполниме со нашите вредности!), и наместо да се вклопиме во системот кој сме го создале, вие ни зборувате за светската неправда, за лошите сили, за надворешни и внатрешни непријатели, за Македонци и Македончиња и за опозиција која што одвај чека да ја свитка кичмата и да не предаде на странците, додека вие вашите „совесни“ граѓани ги принудувате со наведнати глави да застанат пред камерите и да се преставуваат како спасители на гоцевата раса! Гнасно! Заради вработување!
{youtube}PQjV8mhctWM{/youtube}
Единственото нешто што ви признавам дека сте го направиле е тоа што од демократска држава во транзиција, не однесовте во тоталитарно општество. Ако не ми верувате прашајте кој било странец што ќе дојде тука како не доживува. Еве вчера (да потсетам, текстот е напишан веднаш по објавувањето на планот за „пуч“ од страна на Груевски) читав критички настроен текст од соседсвото, во кој авторот се прашува дали премиерот на Србија, господинот Вучиќ, планира да тргне во правецот на Скопје, мислејќи тука на ситуацијата во која се наоѓа Македонија. Колку што знам ова го немаше никаде во вашата програма, а дека е тоа е така ќе ви кажам само со неколку критични точки – започнавте проект, за кој немаше ни „Д“ од јавна дебата (што за една демократска држава е незамисливо, бидејќи во демократијата граѓанинот е на прво место!), потоа заради преголемиот буџет за истиот тој проект не само што не дозволивте дебата, туку ја исфрливте опозицијата на клоци од парламентот (можеби и јас би сакал да им удрам клоца на повеќето парламентарци, еве на пример на госпоѓа Бонева, но тоа не се прави така во едно демократско и цивилизирано општество), за да на крај како Хичкок во неговите филмови, сосема случајно се појавите на дебата со професорите (еј, колку ниско од вас во очите на секој што има барем малку памет!), и еве сега, да отворите еднострана дебата во која ја обвинувате по веќе познат шаблон опозицијата дека е предавничка и велите дека е „црно месо“ во нашето општество и дека треба да ја отстраните со хируршки (читај полициски) рез.
{youtube}v1mryNt6A1s{/youtube}
Па каква е тоа држава без опозиција, бре?
Зарем ви беше малку сето она што и го направивте и сега сакате да ја докусурите, монструозно да и го зададете и последниот смртоносен удар? НО, вие велите дека за сé има граници, иако токму вие покажавте дека сте безмилосни во борбата да останете на власт и дека немате граници!
„За се има граница. И за власта и за опозицијата. Натпреварот треба да биде за тоа кој нуди подобра програма за граѓаните, кој предлага поправедна и поперспективна даночна политика, кој гради повеќе, кој се грижи за земјоделците, кој се грижи за социјално ранливите семејства, за образованието, кој сака да направи подобро здравство, кој има капацитет да отвори повеќе работни места, кој работи и работел чесно и транспарентно, кој е достапен за граѓаните, кој има повеќе знаење и капацитет да ја застапува државата пред меѓународната заедница, кој создава повеќе пријатели, кој се грижи за инфраструктурните и комунални потреби на граѓаните, кој води сметка за правата на работниците, кој инвестира во науката, кој помага на бизнисите. Тоа е натпреварот, зошто ако така е поставен граѓаните ќе се во неговиот фокус, а не желбите и амбициите на политичарите.“
Но, вие не се грижите за нашата заедничка држава, туку за вашите герилци кои во моментов се како ранет ѕвер, кои можат да го нападнат секој што ќе им се приближи бидејќи очите им се црвени од страв дека ќе останат гладни и без „тендерчиња“ од кои преживуваат без да работат ништо и не можат да распознаат ни кои им се вистинските непријатели. Не, не е Зајко вашиот непријател, туку вашата желба да останете на власт, или евентуално оние кои ве тераат да го правите тоа.
„Да се тргне против својата држава, да се тргне против националните и државни интереси, да се биде спремен за промена на име и идентитет, да се тргува со оние кои јавно кажуваат дека не сакаат да прифатат опстојување на Македонија значи премината граница, значи забеганост во својата болна желба за власт и значи спремност за предавство. Тука никој не смее да молчи, никој не смее да се трга настрана, да набљудува и заради своја партиска припадност да аминува и толерира.“
А замислете ја следнава ситуација – замислете дека проблемот со името НЕ постои. Замислете грците (на нашиот портал оваа држава отсекогаш се пишувала со мала буква!) да не можеле да го попречат нашиот пат кон НАТО и ЕУ. Или пак, што е уште полошо – замислете дека проблемот со името не постои, бидејќи тој проблем на крајот на краиштата, е измислен и тоа не заради патриотизам (ниту грчки ниту македонски), туку од чисто каубојско-лукративни причини – односно сенародна пљачка на сопствениот народ. И сега замислете ја грција како грда жена со која никој не сака да легне, жена која многу потсетува на куртизаните на Маркиз де Сад, кои одвреме навреме ќе раскажат по некоја монструозна приказна, и која има богато минато, но и сифилис во сегашноста. Е сега замислете дека само таа, старата и болна куртизана има проблем со вашето име, едноставно ја иритира поради некои грди сеќавања од младоста, па затоа органски не ве поднесува, но воедно радо би легнала со вас, бидејќи одамна не била во кревет со така млад и убав пастув. И сега замислете од другата страна, младиот и убав пастув го зауздува една банда која себеси се претставува како комити, а всушност се обични апаши со кои старата куртизана многу добро знае да флертува и да води политика во стилот на „на ти го – дај ми го“.
Но, мислам дека тука треба да скратам (ова не е автоцензура, туку култура!), и да го кажам она што сакам да го кажам, пред да станам уште повулгарен!
А што сакам да кажам?
Па, проблемот со името се појави откако вие се појавивте на сцената. Само два месеци пред да влеземе во НАТО, што воедно ќе значеше и решавање на проблемот со Албанците, односно закопување на воените секири со нив, почнавме со провокација на јужниот сосед која подоцна беше искористена за тие да ни дадат црвено светло во Будимпешта. И сега вие другите ги обвинувате за виткање на кичма, а всушност од сите постапки што ги направивте во изминатиот период се наѕира последното танго што сакате да го одиграте со вашата куртизана.
И сега кој е крив? Зајко? Сорос?
Проблемот не е во нас, ние им ги дадовме сите права на Албанците (или речиси сите, а во истото тоа време грците беа многу понедемократски од нас по многу прашања!), и пред да дојдете на власт бевме една од најдемократските земји во целиот регион. НЕ велам дека секоја ваша политика е погрешна, но убеден сум дека многу работи што ги направивте во најмала рака се контрадикторни и штетни за нашата земја. Сега се поставува прашањето зошто е тоа така? Заради болестите што некој тука го има фатено од куртизаната со која никој не сака да си има посериозна работа? Заради „патриотизам“?
Па наместо сите овие чекори што ги презедовте во последно време, да ставевте на маса пакет прашања во кои недвосмислено ќе беа утврдени нашите црвени линии, а ќе беше вклучено и прашањето за признавањето на македонското малцинство во грција, како и враќањето на нивните имоти (тоа дека сме Македонци, и прашањето за идентитетот, секако дека воопшто не треба ни да се дискутира, како впрочем пред да се појавите вие, како што реков претходно). Е сега, зарем не сметате дека многу прашања можеа да се затворат досега, а вие во името на вашиот квази „патриотизам“ отидовте во сосема друг правец, спротивен од сето она што го градевме претходно? И сега, одненадеж, како што вика зајко ОП, сакате да направите тоталитарна држава?! Прашањето е, со кого НИЕ овде си имаме работа?
„Замислете лидер на опозиција во Грција да е фатен како соработува со турската тајна служба или пак со нашата, како би изгледало тоа? Како таму, во грција, ќе го коментираат? Како таму ќе го прифатат? Замислете како спрема него ќе се однесуваат членовите на неговата партија?“
За крај ќе ви кажам само ден виц. Поминувал лавот низ една густа шума и сакал да си поигра со некој, но немало никој во близина. Кога гледа одеднаш, зајко качен на дрвото, се крие од него да не го изеде. Му доаѓа лавот под дрвото и му вели: „Еј зајко, ај симни се малку да си поиграме“, а зајко на тоа му вели: „Е лавче мое, како да се симнам, кога види се каков си, ми е страв да не ме изедеш“, а лавот, бидејќи навистина сакал да си игра, на тоа му кажал на зајко: „Еве, за да не се плашиш, ќе си ги врзам рацете, ти само симни се да си играме“. Откако си ги врзал рацете, зајко пак не сакал да се симне, па лавот решил да си ги врзе и нозете. Но и ова не било доволно, па лавот бидејќи ептен сакал да си игра со зајко, си ја врзал и устата и пак го замолил зајко да се симне од дрвото и да си играат. Тогаш зајко решил да се симне. Арно ама додека се симнувал, лавот забележал дека зајко многу се тресе и онака, со врзана уста, врзани раце и нозе го прашал мрморејќи: „Абрррее зајкккоо, зш се тресеш?“ А зајко му одговорил: „Е, лаве, лаве, имам трема бидејќи ова ми е прв пат да го дупам царот на животните.“
„Што ветиле овие луѓе и што се спремни да сработат за возврат на помошта која ја добиваат од туѓи странски служби никој од нас не знае, но знаат тие самите, нивната совест и нивната свест. А граѓаните знаат да го видат тоа, ќе го видат и ќе постапат онака како што тие знаат.“
Господине Димовски, на денот кога го објавивте пучот, невремето што ја зафати Македонија се викаше Давид. Е сега бидејќи вие не сте Голијат, ќе грешам душа ако зајко го споредам со Давид, но потсетете се што вели приказната. Тој можеби изгледа мал и беспомошен, гледано од ваша перспектива, но верувајте, никој нема да ја испушти шансата да ви се одмазди и да ви покаже каков е зајко кога ќе се изнервира и онака, додека сте врзани, да ви ги покаже сите 50 нијанси на сивата боја на ова наше општество кое од ден на ден станува се посиво заради вашите глупости. Сепак, на крајот на краиштата и тој е животно од истата џунгла и секоја поука што нема да ја извлечете од оваа приказна, односно доколку навистина тргнете во офанзива и го ставите зајко во зандани, па и целата опозиција, за што веќе одамна се шушка како ваш очаен план со кој би пробале да најдете излез од беспаќето, не заборавајте дека на тој начин не само што ќе си ги врзете рацете и нозете, туку и ќе си си ја ставите главата у вреќа. И тогаш, сите ќе дознаат дека вие воопшто не сте лав, туку лисица што се крие во лавовска кожа, која сака да зборува во името на кралот на животните, а на крајот на денот ќе излезе дека само сакала да ги понижи истите. Онака, од глупост, од алчност, од немајкаде …
{youtube}M2MAat5yQdA{/youtube}
Но, наместо да си ја подвиткате опашката и да заминете, вие продолжувате да трубите во ваш стил:
„Ги жалам сите оние кои мораат да си ги одработат странските пари за да спроведат стратегија на туѓи интереси. Ќе ги жалат и ќе се срамат од нив и нивните поколенија. Ако си против оваа власт, мери и сечи до каде можеш да одиш и оди, но немој да тргнеш против својата држава.“
Токму така. За да не се срамат нашите поколенија, мораме да застанеме и да кажеме доста беше ова зло, доста куртизани преку своите мали диктатори ни диктираат што треба да правиме, време е работите да ги преземеме во свои раце. И да, да не заборавам да ве прашам – Од кога тоа грчките служби и мислат добро на оваа држава? Па секој што ќе помогне да се тргне власта која се служи со манипулации и бескрупулозно врши криминал и тортура врз својот народ, зарем не е наш пријател? Од кога тоа грците ни се пријатели, по ѓаволите?
Или, да го преформулирам прашањето, за кој служба работите вие господине Димовски кога не дозволувате снимките да ги види македонската јавност? Од што се плашите доколку сте вистински патриот и зошто го лажете народот дека нема протести, нема хонорарци на протести, нема студенти кои ги окупирале факултетите и т.н и т.н. Или пак можеби студентите и студентскиот пленум, кои ја преставуваат младата и зовриена крв на нашиот македонски народ е дувло на предавници? Според вашата логика вие сте патриоти, а ние, студентите, хонорарците, неопределените и сите други што мислат дека вие сте криминалци, сме предавници, така?
Па, ако е така, зошто тогаш не престанете да лажете и не ги објавите снимките од прислушувањата, протестите, хонорарците, па народот, на кој постојано се повикувате, самиот да пресуди што е црно, а што – бело? Вака, со лаги и манипулации, некако сте ми сомнителни и тоа во каракамишевски стил!
{youtube}ukfKLJ4ImyE{/youtube}
И за крај еден мал добронамерен совет. Како мислите во дигиталната ера да ја контролирате штетата од една таква афера? Зошто го замајувате народот и со сиот ваш медиумски арсенал и партиска ергела (која патем ја малтретирате со вашите јавувања и наредби да се организираат во квази граѓански здруженија за одбрана на Македонија, а всушност сакате да ги употребите како тоалет хартија за бришење на вашите погани задници!), зошто со помош на тие стуткани, понижени, навредени и наведнати глави тргате да ја дотолчите опозицијата (каква таква, бидејќи држава без опозиција не е демократска, нели?) и сите заедно мантрате дека „добивањето документи од странски служби е предавство“? Притоа заборавате дека на сите ни стана јасно дека станува збор за материјали кои се резултат на вашата желба целосно да владеете со овој народ, без да го дадете вистинскиот одговор која е вашата вистинска цел (!). Е сега, доколку навистина сте патриот, тогаш под итно да почнете да работите на македонската кауза, а тоа значи да не вратите од кривиот правец, да не наместите повторно на шините и да не поставите во правец кон она кон што треба да се стремиме сите. А тоа е слободата, господине Димновски. Ослободете не, и тоа така што најпрво ќе се ослободите самиот, ќе ги фрлите прангиите, ќе ги изгоните демоните, и ќе излезете на вашата тераса и ќе викнете од срце на сиот глас:
ДА живее слободна Македонија!
И потоа доколку сакате да ви биде чиста совеста, ви преостануваат само две работи кои би можеле да ги направите, а вие најдобро знаете кои се тие!
Амин!
Робин Худ Џуниор во каракамашевски стил се поигра со колумната на братот Илија Димовски објавена во Дневник веднаш откако братот Груевски го обзнани планот за „пуч“. Текстот е објавен неколку месеци пред Заев да почне со објавувањето на бомбите, и е посветен на прерано загинатиот Никола Младенов…