Не сум од Скопје, госпоѓице – Ова е тренд кој секојдневно добива се повеќе следбеници
Мода која сака да го промени светот …
Терористички напади. Бегалци на велосипеди патуваат по патиштата, а оние најнесреќните завршуваат во избегличките кампови во балканските земји. Се повеќе сиромашни кои се почесто ги гледаме на улиците и по контејнерите, како и премрзнати бездомници, додека новите милионери никнуваат како печурки по дождот, па и кај нас, во нашата земја. Шарена револуција, шокантниот избор на Доналд Трамп за претседател, уште пошокантни избори кај нас. Експлозија на конзервативни мерки, се повпечатливо оддалечување од демократијата, ограничување на основните човечки права и слободи, се почести напади на LGBT заедницата, бомбаши самоубијци, тепачки во парламентот, поделено општество по сите рабови, Диво насеље, невини жртви на режими и политики од целиот свет, Брегзит, војна во „братската“ Украина … Едноставно, многу лоши работи се случуваат секојдневно на оваа наша мала планета, и не можеме да останеме имуни на сето тоа, бидејќи сме луѓе. Односно би требало тоа да бидеме, тоа треба да биде нашиот манифест. Тоа предизвика отпор кај многу млади луѓе, но и во модата кој можеби за многумина е банален, но дефинитивно не е и безначаен. Еве зошто …
Она што порано беше хипи движењето кога стотици илјади млади луѓе ширум планетата протестираа против војната во Виетнам и кои беа познати под името децата на цвеќето, така и денес многу млади своите сериозни политички пораки ги носат испишани на маици, јакни и капути. Една од најпознатите во моментов е секако пораката на Диор „We should all be feminists” која е дело на новата креативна дизајнерка на брендот Марија Грација Чури, и која потполно одговара на „непријатните“ пораки на новиот американски претседател Доналд Трамп, особено на оние кои се однесуваат на претставничките на понежниот пол и кои беа актуелни за време на неговата кампања. Овие маици со активистички пораки можеби нема преку ноќ да го направат светот подобро место за живеење, ниту пак да ги сопрат бомбите и бесмислените војни, но ќе не потсетат на нашата не така удобна реалност, како и на човечноста и загриженоста дека треба да се бориме за подобро општество и дека едноставно не ни е сеедно кога некој друг страда, без разлика дали е црнец, белец или од жолтата раса, и без разлика на која точка од оваа наша планета се наоѓа во моментот. Важно е да помогнеме, секогаш, онолку колку можеме, и тоа на оние кои во моментов нашата помош им е најпотребна.
Хуманост пред се! Толеранција. Соживот…