И додека ние мрчиме на Фејсбук и го делиме народот на патриоти и предавници, погледнете што прави Боки 13-ка!
Време е да бидеме хумани! Сите!
Да си подадеме рака и наместо да се кудиме и мразиме, да си помагаме еден на друг. Без разлика на нашите политички убедувања, без разлика на верските или етничките разлики. Да бидеме луѓе пред се, хумани, и да не забораваме на оние на кои помошта им е најпотребна во моментов.
И додека ние си мрчиме на Фејсбук и се расправаме кој е патриот, а кој предавник, кој поголем Македонец, а кој поголем Антихрист, Боки 13 ги засука ракавите и на големо им помага на оние на кои помошта им е најпотребна. Досега можевме да видиме повеќе пати како Боки со неговата хуманитарна организација несебично помага на загрозени семејства и луѓе, а дека продолжува и понатаму со неговата мисија потврдува и неговиот најнов пост на социјалните мрежи каде најави дека ќе му помогне на овој човек.
И така би! Само еден ден подоцна Боки сподели дека случајот со овој човек е решен! Го смести во државната клиника Мајка Тереза каде ќе му биде овозможена целосна медицинска нега. По стабилизирање на неговата здравствена состојба, ќе добие и свој кров над главата и топол дом каде ќе може во нормални услови да ја помине зимата!
И тоа не е се! Боки веќе следниот ден, како да е супер херој, а не познат лик од „нашето маало“, побрза да реши уште еден случај. Овој пат во прашање е познатиот готвач Антонио кој деновиве преку медиумите побара помош. Боки го реши и неговиот случај за миг така што му помогна да ја плати киријата и да остане во својот топол дом, а ќе добие и вработување и заедно ќе се борат да ја подобрат неговата здравствена состојба.
Но прашањето не е што ќе направи Боки, човекот по кој сите фрлавме со дрвја и камења, туку што ќе направи секој од нас за да им помогне на оние на кои помошта во овие моменти им е најпотребна?
За почеток би можеле да се промениме себеси, и да престанеме да го делиме народов на предавници и патриоти. Бидејќи додека срцето ни е полно со омраза, не можеме да си помогнеме ни на себеси, а камоли на некој друг кој има вистинска мака во животот и му е потребна помош. И тоа не било чија, туку токму нашата. Мојата, твојата, на Боки, сеедно! А такви во оваа наша државичка ги има мнооогу! И некако како постојано да ги забораваме, и тоа секогаш кога им е најпотребна! Тоа мораме да го смениме …
Робин Худ Џуниор