Од блиску со Анастасија Богдановска: „Сакам да ги седнам на маса светските лидери и да ги прашам до кога планираат да си играат играчки со светот?“
Инспиративна, креативна, секогаш насмеана, девојката која што е дел од утринската екипа на Канал 5 Телевизија, Анастасија Деа Богдановска сака да ги седне светските лидери на една маса и да ги праша: „До кога планирате да си играте играчки со светот?“
Како започна твојата приказна на телевизија?
Буквално како во приказна. Една убава есенска вечер пред една година петнаесетина новинари бевме собрани на новинарска дружба. Познати имиња и лица, но мене не ме знаеја сите, оти работев на интернет портал. Или јас бев „новинарски текст без лик“. Тука се запознав со Роберт. Ме праша зошто не сум на ТВ. Немав одговор…Да биде приказната уште поинтересна, во тој период имав неколку понуди од телевизиски куќи…Сите понуди беа со коментарот: „Ти си за на телевизија, не зад букви…“. Вистината е дека пред една година не се гледав себе на ТВ. Апсолутната вистина е дека никогаш и не се замислував дека ќе работам како водител. Но, животот не е живот ако не ти нуди предизвици. Со Роберт си разменивме контакт и ми рече дека ако имаат потреба од водител ќе ме контактира, а јас да размислам за идејата да работам на ТВ. И размислив. По три години работа на портал имав потреба од промена. Заминаа неколку месеци по таа вечер и Роберт ме побара со конкретна понуда: да работам како водител во Здраво Македонијо. И еве ме таму каде што сум.
Што зчачи предизвикот да се биде дел од телевизиска Утринска Програма?
Искрено за мене беше голем предизвик. Јас бев личност која има сериозна трема од јавни говори. Ама сериозно сериозна! Со црвени образи, со пот на чело. Иако никогаш не ми затреперил гласот, душата ми треперела секогаш кога сум требала да имам јавен настап. Но, најголемите победи ги војуваме со самите себе. Напорно работев од моите средношколки денови до денес да ја победам таа трема. И ја победив. Сепак, вистинскиот предизвик се случи вечерта пред да ми кажат дека од утре сум во етер. Тоа беше веднаш по непријатната случка која колешката Јелена ја имаше со еден гледач. Имено јас требаше да започнам со водење на емисијата кога Милена ќе замине на породилно. До тогаш требаше да учам. Но… се случи што се случи. По еден месец учење што значи да се води емисија, без претходно телевизиско искуство, тоа утро во 7 часот започна приказната. Вечерта пред да заспијам си реков „Тоа е тоа. Или си за на ТВ како што мислеа, или ќе изгориш“. За среќа се случи првото и започна магијата „светло, камера, акција“ и будење рано. Многу рано. Тоа беше вториот гоооолем предизвик. Третиот предизвик беа гледачите. Им дојдов како замена за Јелена и Милена. Но никој не може да биде заменет. Никој никогаш. Не ни можам да ги заменам ниту Јелена ниту Милена. Јас можам да донесам само мој печат на емисијата. А кога веќе зборуваме за колегите, морам да напоменам дека без нив нивните совети и поддршка не би се снашла во улогата водител и за тоа сум им многу благодарна.
Какво е твоето претходно искуство со новинарството?
Пред да започнам да работам во Здраво Македонијо, три години работев како новинар на интернет портал. Одлично искуство кое ме подготви за работата на телевизија.
„Најголемите победи ги војуваме со самите себе.“ |
Кој од светските ѕвезди или модни икони би сакала да биде гостин во твојата емисија и што би сакала да ги прашаш?
Би сакала да ги седнам на една маса светскиве лидери и да ги прашам: „До кога планирате да си играте играчки со светот?“ И потоа да отворам телефонски линии, па нека се јавуваат гледачи. Да видат убаво што се прашања и дали ќе се снајдат )) Тоа прво. Од светските ѕвезди би сакала да ја интервјуирам Ријана и тоа додека готвиме во кујна. А од модните икони? Кјара Ферагани.
„Најпријатно се чувствувам во фармерки, маичката со слика на мојот омилен уметник и оксфордки на нозете.“ |
Важиш за личнност која секогаш изгледа одлично како пред камерите така и зад нив. Кое е твоето омилено парче облека од плакарот? Во што се чувствуваш најудобно?
Благодарам за комплиментите. Навистина значат, особено кога стануваш во 5 часот наутро и треба да се подготвиш за емисија и да изгледаш и размислуваш одлично. Искрено не се врзувам за предмети, па немам омилено парче облека. Но, можам да ви кажам во што се чувствувам најпријатно. Во фармерки, маичката со слика на мојот омилен уметник и оксфордки на нозете.
Како се разликува изборот на облека за на работа од секојдневните комбинации што ги носиш кога излегуваш?
Секоја пригода налага и соодветна облека. Тоа е правилото кое го следам. Облеката, шминката и самиот човек изгледа поинаку на камера и во живо. Телевизијата бара облека во боја и појака шминка. Па така на телевизија можете да ме видите со поразиграни, поколоритни и поелегантни изданија. Приватно пак ќе ме видите во поопуштено издание. Но едно е заедничко за мојот стил на работа и приватно: а тоа е софистицираноста.
Што значи Деа?
Деа на латински значи богиња. Зошто Деа? Па бидејќи моето име е долго и често знаат да ми го кратат и да ме викаат: Ане, Ана или пак Нате. Во средно имавме предмет латински и така се запознав со терминот. Подоцна кога започнав да цртам се потпишував Деа. Сликите кои ги цртам на социјалните мрежи можете да ги најдете под хаштагот #signatureofdea. И тогаш се случи наместо да ми го кратат името да ме викаат Деа.
Што прави Анастасија во слободно време?
Тоа малку слободно време кое го имам го користам максимално за себе и за моите најблиски. Одам во театар и особено и се радувам на новата сезона. Вежбам, гледам филм или читам книга. На кафе сум или во домашна атмосфера со блиските. Правам се што прави еден млад човек. Но она што малкумина можеби го знаат е дека јас сликам. Најчесто се тоа надреалистични слики. Токму сега подготвувам една серија која се вика „Deus by Dea“.
Станува збор за слики нацртани на малечки платна, колку големината на една дланка. Ги посветувам на сите жени богињи кои инспирираат со своето постоење. Веќе нацртав неколку и ги поклонив. А одбрав да бидат на малечко платно за да може да се стават на работна маса и секој ден да не потсетуваат дека сме токму тоа- ЖЕНИ БОГИЊИ.
Разговараше: Ивана Крстеска