Марија Илиќ: „Сексипилот не зрачи само преку агресивната шминка, кусите здолништа и предлабоките деколтеа“

Модa е општ термин за популарен стил, особено за облека, обувки, модни додатоци или шминка. Вообичаено е тренд во врска со тоа како изгледа и се облекува еден човек, како и преовладувањето на стиловите во однесување. А модата обично се однесува на најновите креации направени од страна на дизајнери а кои се купени само од страна на мал број на луѓе.

За тоа како е да се организира еден Моден Викенд, колку знаеме да ја носиме модата и што не очекува на најновото издание на Моден Викенд во Скопје што ќе се одржи од 30-ти Март до 1-ви Април поразговаравме со Марија Илиќ, девојката задолжена за односи со јавноста на овој настан.

 

Кои беа најголемите предизвици кога почнуваше FW во Скопје? Дали размислувавте тогаш дека ќе прерасне во традиција, оваа пролет го имаме веќе седунаесеттото издание?

Иако со Моден викенд Скопје не сум од самиот почеток имам среќа да бидам дел од тимот речиси пет години односно ова ќе биде моја десетта сезона. Често повторувам дека Света Богова Јовановска е жената која освен што имаше визија имаше и огромна желба, љубов и трпение да не држи сите заедно и да не се откаже дури ни во моментите кога другите би се откажале веројатно. Настанот иако уште малце ќе слави една деценија од своето постоење, предизвиците не запираат и секоја сезона е приказна за себе. Треба навистина да верувате во тоа што го правите и да го правите со голема љубов за да истраете. А ние силно веруваме и ете упорно ја туркаме оваа модна приказна веќе седумнаесетти пат.

ADVERTISEMENT

Колку луѓе работат во организацијата на еден моден викенд за да изгледа беспрекорно како што досега успевавте тоа да го достигнете?

Основниот (постојан) тим се брои на помалку прсти од две раце но имаме поголем број на техничка поддршка, тим на фризери, шминкери…за време на настанот во бекстејџ е како во кошница со пчели. Не велам дека настанот функционира беспрекорно, како и во секоја работа има ненамерни пропусти или мали грешки кои се трудиме да ги исправиме на следните настани. Да не заборавиме дека не станува збор за едноличен процес на норма туку за организација на настан каде што учесниците се модни дизајнери и уметници, секој со различни желби, сензибилитет, модели..Сето тоа треба да го спакувате во интерсна форма која ќе го задржи вниманието неколку дена.

Што ќе има можност да види публиката на овогодинешното издание на FW?

Сезоната пролет-лето под слоганот „What feeds your imagination“ ќе ја отвори ревијата на дизајнерите Роберт Ивановски и Евгенија Зафировска со колекцијата „Архитектура во движење.“ Вечерта ќе продолжи со авангардната колекција на „КALI ROSE by Katarina Luka“ надополнета со аксесоари. Потоа ќе следува ревијата на „Zana Aliu showroom“ и колекцијата „Red&The spectrum“. Истата вечер за прв пат ќе може да се погледне и ревијата на „Fingerprint“ и нивната колекција „Macedonian beauty”.

Втората вечер ќе започне со заедничка ревија на студентите од Факултетот за арт и дизaјн при ЕУРМ, наречена „Text me“ за пролет-лето 2018. Потоа публиката ќе ги види колекцијата на „BERNASARACI“ од Косово наречена „0000“ и најновото од „Atelier Kocareva“ односно новите модели наречени „Boundless“. И за крај на вечерта креациите на „Pallada“ и колекцијата „El sueno“.

Последната вечер на Моден викенд ќе започне со ревијата на младата дизајнерка Сара Реџиќ која го потпишува брендот „Sari Gi“. За прв пат на Моден викенд Скопје „Atelier Magdalena“ ќе ги претстави креациите од колекцијата „Будење“. Јагода Пачемска од арт-студиото „Фа-Бу“ со перформанс ќе прикаже нови уникатни креации изработени од свежо цвеќе.


Што различно од другите години ќе понуди настанот оваа пролет?

На наше големо задоволство и оваа сезона имаме нови учесници кои или никогаш не биле дел од настанот или за прв пат прават ревии и за нив ќе слушне пошироката јавност. Тематиката и слоганот на сезоната се нови, локацијата е нова, амбиентот е сосема поразличен од она што сме го имале претходно. Од познатите дизајнери очекувајте нови фантастични колекции.

Колку модниот викенд и помага на македонската мода да се развива?

Слободно ќе повторам по којзнае кој пат дека речиси нема домашен дизајнер кој барем еднаш немал ревија на нашиот настан. Нема да згрешам кога ќе кажам дека освен со својата работа, голем број дизајнери го подобрија својот имиџ и нивната работа стана јавна токму преку Моден викенд Скопје. Можеби со мали чекори но со чекори напред работите ги поместивме од мртва точка и сигурно е дека придонесовме денес многу Македонки да носат домашни дизајнери или имаат барем едно нивно парче. Тоа не беше така дури и пред само некоја година. Сега жените одбираат наши дизајнери дури и за секојдневни деловни креации кои ги носат на своите работни места, состаноци, коктел забави..

Колку според вас модната недела во Скопје е блиску до модните недели во најголемите светски модни градови?

Зависи од кој аспект гледате на нештата. Како што кажав во еден од претходните одговори, во Македонија модниот бизнис не тежи милиони, милијарди. Модните недели и воопшто модната индустрија во некои земји претставува неверојатно голема економска гранка. Нашата земја е мала со далеку послаба куповна моќ од големите светски модни градови, модниот бизнис сеуште е бебе кое треба да се развива и расте. Модната недела и модните дизајнери претставуваат синергија и така би требало да биде. Секогаш зборувам отворено и гласно ќе речам дека презентирање на една модна недела не е само олеснување за некој друг место вас да организира ревија. Ниту пак еден домашен дизајнер треба да смета дека претставување на нови колекции веќе не му е потребно. Не мора тоа да биде на Моден викенд Скопје. Ако се водиме според таа, за мене апсурдна логика, тогаш големите модни куќи како Диор, Шанел, Версаче..никогаш веќе не би требале да прават ревии бидејќи одамна го достигнаа нивото на бренд кој сам по себе продава. Лично жалам кога дизајнери кои работат само неколку години и имаат некаква публика на социјалните мрежи сметаат дека го достигнале она што го заслужува нивната работа. Дизајнерот мора да достигне ниво кадешто ќе биде препознатлив по своите креации и ќе се разликува од обичен шнајдер кој крои фустани симнати од интернет.

Колку скопјани знаат да ја носат модата?

Се повеќе ја сакам уличната мода во Скопје и се поголемата слобода во стиловите. Нашите жени и мажи станаа повнимателни и во изборот на гардероба во зависност од пригодата, работното место, периодот од денот…Секако дека имаме исклучоци и гледаме жени кои не можат да разберат дека сексипилот не зрачи само преку агресивната шминка, кусите здолништа и предлабоките деколтеа. Според мене најважно е да сте свои, да имате некој личен печат, да се погледнете во огледало и да го одберете она што навистина најдобро ви прилега.

 

Фото: Ерина Богоева

 

Facebook Comments